
Работилница на Катедрата за современ танц при УГД со Елена Николовска од Линц, Австрија
Македонските традиционални ритми како неисцрпна инспирација за движење и експресија се во фокусот на работилницата што од 17 до 28 фебруари 2025 година, ја одржува Елена Николовска како гостин-предавач на Катедрата за современ танц при Универзитетот „Гоце Делчев“.
Македонските традиционални ритми како неисцрпна инспирација за движење и експресија се во фокусот на работилницата што од 17 до 28 фебруари 2025 година, ја одржува Елена Николовска како гостин-предавач на Катедрата за современ танц при Универзитетот „Гоце Делчев“.
Како што соопштуваат од Филмската академија при УГД, во центарот на ова искуство кое Николовска ќе го сподели во работата со студентите од прва, втора и трета година на додипломски студии, е техниката на „bouncing“ – природен пулс на телото што овозможува органско интегрирање со ритамот.
Елена Николовска образованието го стекнува во Средното училиште за современ танц во Љубљана, Словенија, а го заокружува на Академијата за современ танц при Универзитетот „Антон Брукнер“ во Линц, Австрија. Таа работи со реномирани кореографи како Стела Зану, Андреса Мијазато и Јоханес Виеланд, и настапува на повеќе проекти и фестивали, вклучувајќи ги „Ars Electronica“ и „Festival Leicht über Linz“ во Австрија.
-Истражуваме ритми кои носат древни приказни – ритмот на 7/8, живописен и нескротлив, оживува преку традиционалните македонски танци како Пајдушко и Право оро. Овие ритми не се само метрика на времето; тие се пулс на една култура, начин на комуникација и чествување. Учесниците не ги учат комбинциите само како композиција, туку како медиум за пренесување емоции, приказни и историја преку телото и техниката. Оваа работилница е покана за длабоко лично истражување – секој учесник се охрабрува да го открие својот уникатен танц и однос со ритамот. Играме со просторот, низ солистички, дуетни и групни танци, низ динамичен однос со музиката и нашите импулси. Ова не е само танц, туку патување во сензациите на телото, во длабочините на звукот и во слободата на движењето, вели Николовска.
Нејзината љубов кон македонската традиционална музика и ритми, вели таа, е особено значајна во нејзините предавања. Во работилниците што ги води, Николовска во однос на начинот на кој работи, вели го комбинира современиот танц со богатите македонски ритми, овозможувајќи им на учесниците да ја почувствуваат енергијата и автентичноста на овие звуци преку движење.
Деканката на Филмската академија, професор д-р Рисима Рисимкин вели, задоволна е од соработката со младата уметница Елена Николава, која доаѓа од „Антон Брукнер“ Универзитетот, со кој имаат воспоставено, веќе традиционална соработка, преку неформалната мрежа на Европски универзитети и Академии за танц „Share“.
-Катедрата за современ танц, при универзитетот „Гоце Делчев“ постојано спроведува иновативни работилници со предавачи-гости, преку кои им овозможуваме на нашите студенти нови искуства и сознанија, со цел да се збогатат како уметници, при што им помагаме во оформувањето на професионалниот танчерски идентитет. Посебно ми е драго што Елена Николовска, која потекнува од нашите краишта, ја спроведува оваа работилница, таа има прекрасен пристап и одлично ги води часовите, посочува деканката на Филмската академија, професор д-р Рисимкин.