
Стариот струмички театар се гради 11 години, ново ветување дека ќе биде завршен догодина
Годинава ќе продолжи изградбата на стариот струмички театар, кој почна да се гради кон крајот на 2014 година и треба да биде предаден во употреба до крајот на 2026 година.
Годинава ќе продолжи изградбата на стариот струмички театар, кој почна да се гради кон крајот на 2014 година и треба да биде предаден во употреба до крајот на 2026 година.
Ова го најави министерот за култура и туризам, Зоран Љутков на прогласувањето на Гевгелија за град на културата за оваа година на почетокот на февруари. Тој информираше дека кога стапил на функција покрај струмичкиот театар затекнал и други заглавени проекти, кои се почнати пред повеќе од десет години, но во изминатите години многу малку се работело за да бидат завршени.
-Тоа што успеавме како Министерство да направиме е да ги откочиме сите овие проекти. Еден од тие, а и моја цел беше, да се откочи продолжувањето на изградбата на стариот струмички театар. Договорот таму е раскинат спогодбено и направивме ревидирање на основниот проект за да ги видиме сите пропусти кои се направени. За оваа година имаме обезбедено средства за овој капитален објект и за еден месец ќе се распише тендерот за продолжување на изграбата на театарот и е предвиден со двегодишно финансирање и нашата тендеција е до крајот на 2026 година да биде отворен овој капитален објект, вели Љутков.
Додава дека висината на средствата зависи од динамиката на трошење и изградбата. За струмичкиот театар се планирани 7-8 милиони денари за почеток, но доколку динамиката се исполни до крајот не летото со ребаланс на буџетот ќе се дополнат средствата.
Министерот за култура и туризам посочува дека е направен увид на состојбата, посебно на потпорниот ѕид кој е проблематичен и таму работат од Завод за заштита на спомениците на култура и Музеј-Струмица.
-Доколку има други пропусти или доколку има криминал целата документација ќе си оди во соодветните институции, рече Љутков.
И од Народниот театар „Атнон Панов“ сметат дека завршувањето на изградбата на објектот на Стариот театар е повеќе од неопходна. Потсетуваат дека градежните работи почнале уште во 2014 година, а од 1986 година струмичкиот театар функционира во рамките на тогашниот Дом на култура, односно денешниот Центар за култура.
– За да може непречено да се одвива работата на еден театар потребно е да имаме самостојна театарска зграда, бидејќи сега се соочуваме со проблемот со паралелното функционирање на другите два сектора (Сценско-музичкиот и Уметничката галерија) во рамките на Центарот за култура. На тој начин честопати доаѓа до проблем во координирањето на саатницата на струмичкиот театар со настаните во другите два сектора во поглед на временските термини за театарски проби, премиери, репризи. Би биле бескрајно задоволни доколку грешките кои досега се евидентирани од страна на нашиот тим-грешки кои се поврзани со проектирањето и изведбата на објектот-се ревидираат со што објектот би бил функционален и опремен со современа сценска техника, како што налагаат стандардите на сценската уметност. Потребно е објектот да биде целосно функционален макар и да се продолжи за кратко време рокот на пуштање во употреба, а тоа е, како што изјави министерот за култура и туризам, крајот на 2026 година, се наведува во пишаната изјава на раководството на струмичкиот театар.
Зградата на стариот струмички театар од надвор е целосно завршена, а останува да се уреди внатрешноста и да се постави опремата.
Инаку, стариот театар во осумдесеттите години на минатиот век беш напуштен поради дотраеност, а во два пожари потоа објектот целосно беше уништен и долго време беше грдотија во центарот на градот.
Во 1982 година била одиграна последната претстава во стариот театар. Ансамблот на НТ „Антон Панов“ буквално се селел како патувачки театар, а во 1986 година, кога беше отворен Домот на културата, струмичките актери добија покрив над главата.