Де Керсмакер за коментарот на Венс: ЕУ е крајно посветена на слободата на изразување

Слободата на говорот е апсолутно клучна вредност на Европската Унија и таа е во сржта на целиот европски процес на интеграција и изградба и на се она за што се залагаме, изјави денеска заменикот главен портпарол на ЕК, Стефан де Керсмакер, запрашан за коментар на Европската комисија за изјавата на американскиот потпретседател Џеј-Ди Венс дека „еврокомесарите ја задушуваат слободата на изразување“.

– Слободата изразување е нешто на што сме крајно посветени, додаде Де Керсмакер.

Во одговор на истото прашање, портпаролот на ЕК за технолошки суверенитет, одбрана, Вселената и истражување, Тома Рение рече дека Законот за дигитални услуги што е усвоен на предлог на Европската комисија не ја ограничува слободата на изразување, туку само воспоставува систем според кој корисниците можат да реагираат доколку забележат илегална содржина на одредена онлајн платформа и таа треба да ја провери и да ја отстрани.

– Побаравме од платформите да преземат соодветни мерки за да се осигураме дека овој тип на содржини, барем нема да бидат зајакнати и масовно прикажувани, рече Рение.

Тој потенцира дека денес се почесто политичките кампањи се водат и преку социјалните медиуми, со што овие платформи имаат многу по голема моќ отколку што имаа во минатото.

– Затоа денес е клучно овие платформи да имаат соодветни системи што ќе осигурат дека информациите што јас и вие ги гледаме на нив се бесплатни, фер и транспарентни и дека не сме изложени на некој специфичен наратив, додаде Рение.

Токму, целта на Законот за дигитални услуги, според него, е да го гарантира тоа, со цел изборите да бидат слободни и фер, независно дали се национални или на европско ниво.

Во врска со коментарот на Венс дека ланските претседателски избори во Романија биле поништени врз основа на „несигурни сомнежи и под силен притисок од континенталните партнери“, Рение рече дека поништувањето беше одлука на романските власти врз основа на нивните сознанија за обиди за мешање и по објавувањето на декласифицираните документи.

– Изборите се прашање на националните власти. Во овој случај се прашање на романските власти и тоа секогаш ќе остане така, додаде Рение.