
Курти: Републиката денес е посилна од кога било
Косовскиот премиер Албин Курти денеска упати честитка по повод 17-годишнината од прогласувањето независност на Косово од Србија, наведувајќи дека Републиката денес е посилна од кога било.
Косовскиот премиер Албин Курти денеска упати честитка по повод 17-годишнината од прогласувањето независност на Косово од Србија, наведувајќи дека Републиката денес е посилна од кога било.
Тој додаде дека денес се зајакнати демократските институции и е нормализирано нивното функционирање.
Курти им оддаде почит на сите кои се жртвуваа за слободата на Косово.
– Слободата за која толку многу се жртвувавме бара демократија која ќе дозволи да се слушне гласот на народот и да се заштитат правата на граѓаните, истакна Курти, додавајќи оти демократијата бара и силни институции кои го штитат владеењето на правото, гарантираат слободни и фер избори и дека моќта им служи на граѓаните.
На церемонијата пред Парламентот, каде беше подигнато косовското знаме, присуствуваше и претседателката на Косово, Вјоса Османи.
Таа упати честитка до граѓаните по повод Денот на независноста, наведувајќи дека земјата ќе продолжи да оди напред бидејќи „нема ништо што може да го спречи слободното, независно и суверено Косово“.
– Вечна благодарност до сите оние кои се жртвуваа и дадоа сè за да можеме денес заедно да го прославиме овој свет и историски ден, почнувајќи од архитектот на независноста – историскиот претседател (Ибрахим Ругова), преку легендарниот командант Адем Јашари, кој ја предводеше Ослободителната војска на Косово, па завршувајќи со секој граѓанин на нашата Република што жртвуваше пот и крв за денеска да го прославуваме овој ден, истакна Османи.
Прославата на 17-годишнината од прогласувањето на независноста на Косово ќе продолжи со парада на Косовските безбедносни сили и косовската полиција во Приштина.