![](https://triling.mk/wp-content/uploads/2025/02/triling611118-1-750x430.jpg)
(Видео) Трилинг: За корупцијата, непотизмот, за болката и страдањата, но и за рецептот за успех
Во „Трилинг“ разговаравме со Георги М. Унковски, режисер и сценарист, актерката Тамара Ристоска, Раде Шербеџија, актер, режисер и музичар и Дарко Аврамовски од „Коалиција за правично судење“.
„Ги имаме луѓето, го имаме талентот, оној кој сѐ уште е останат и не е пребеган во Србија, каде што голем дел од наши професионалци веќе наоѓаат свој спас. Мислам дека имаме капацитет, имаме луѓе, имаме талент, може да покажеме многу повеќе од тоа што го покажуваме и се надевам дека ќе се зголеми буџетот и ќе се поддржи уметноста.
-Не знам зошто толку малку средства се издвојуваат за културата и пред сѐ за филм. Мислам дека во моменти на криза културата има најголема важност, така што не ми е логично дека буџетите за култура се намалуваат заради криза. Мислам дека во тие моменти, тие буџети дури треба да растат, бидејќи културата не е лускуз, туку е нешто нужно за човечкото преживување.
![](https://triling.mk/wp-content/uploads/2025/02/unko3-1024x473.jpg)
За бунтовноста кај младите, Унковски вели дека секогаш му се допаѓала, и дека младината секогаш треба да биде бунтовна.
„Мислам дека тоа е еден од аспектите на младоста – да се биде бунтовен и најчесто младите знаат да ги разбудат постарите малку повеќе да согледаат некои работи“, смета Унковски.
За тоа колку денешната гласност, гневот на граѓанството може да изврши притисок за поголем институционален ангажман, режисерот Унковски вели дека сега сме доведени до ситуација на апатија.
„Луѓето генерално се многу разочарани од тоа што нема некои поконкретни придвижувања. Апатијата е многу опасна и мораме некако да се соочиме со таа апатија, односно да излеземе од неа и да имаме попроактивен пристап.
-Апатијата и бесперспективноста се должат на разочарување, на верба и изневерување на одредени надежи и тоа кога се случува почесто, што во Македонија мислам дека често се случува посебно кај младите луѓе, мислам дека тоа води кон една апатија која што веќе дури и надежта се чини како луксуз. Чувството за неправда и чувството дека еден човек не е ценет во својата околина мислам дека се многу поголеми фатори од финансиските примања, иако сигурно и тоа игра улога, но сметам дека ако не можеме ние да се цениме едни со други, ако не можеме да го цениме она што е квалитетно, тоа е главната мотивација за многу млади луѓе да излезат од државата.
![](https://triling.mk/wp-content/uploads/2025/02/tamara4-1-1024x473.jpg)
„Љубовта кон професијата“ е тоа што е одлучувачки за една млада актерка да биде дел од домашниот филмски колаж на добри актери и актерки, вели Ристоска.
„Имам премногу вложено во оваа професија, имам премногу ризици преземено, имам премногу компромиси направено, за да сега после толку долго време се откажам. Ме има фатено инает дека ова е тоа што го сакам и мислам дека на крајот на денот можам да успеам и надвор од границите на оваа држава која што мене разочарувачки е колку не работела за мене“, потенцира актерката Ристоска.
Говорејќи за фактот што во Македонија има малку домашни продукции, а доминираат најчесто српски или хрватски серии, Ристоска вели дека филмот и ТВ проектите се скапа играчка и културата е скапа.
„Понекогаш луѓето ја доживуваат како забава, но мислам дека може да биде и општествен коректор, општествено да влијае, како што „Фамилија Марковски“. Да, финансиите се секогаш проблем, но имаше еден натпис на МКЦ кој велеше – „Културата е скапа, но некултурата е уште поскапа“, вели Ристоска.
Околу театарот како предизвик, Ристоска вели дека тој и е предизвик, но не е сигурна дали таа е предизвик на раководството на театарот.
„Јас би рекла дека сум сведочела на корупција и на непотизам во театарот. Така што да, таа селекција постои, отсекогаш постоела и ќе постои“.
– Многу е страшно во оваа моја фриленсерска кариера од осум години, се повеќе се соочувам со појавите како корупција, криминал, клиентелизам, неказнивост, отколку со транспарентност. Транспарентност која јас после осум години ја доживеав надвор од границите на Македонија“, вели Ристоска.
![](https://triling.mk/wp-content/uploads/2025/02/rade5-1024x473.jpg)
Во секој случај, јас сум секогаш на страна на оние кои прашуваат, кои се прашуваат и кои на некој начин протестираат, бидејќи во сржта на секој уметникот е да биде, како што вели Крлежа, своевиден дисидент, па дури и дефетист во однос на државата и институциите, нацијата и авторитетите.
Тој е блудниот син кој се враќа во татковото огниште само за да може повторно да го напушти. Негацијата е неговата позната форма на прифаќање на светот. Тоа е суштината на уметноста и на секој уметник. Да се биде критичен, да го набљудува светот, да го дава своето мислење, да сака да ги подобри работите за сите нас, за луѓето кои живеат во овој свет. И во таа смисла во право се овие младинци кои денеска протестираат.
Секоја младост е секогаш во право. Дури и кога греши, повеќе е во право од оние кои мислат дека се во право. Затоа јас од се срце ги поддржувам овие млади луѓе а тие тоа го прават на достоинствен начин. Брилијантен. И сите мои концерти им ги посветив ним од моментот кога ова започна во Нови Сад.
Национализмот е најдоброто решение со кое можеш да ја оправдаш својата неуспешност во животот?
Точно. Стојам зад тоа. Многу луѓе кои биле несреќни во нивните животи, неисполнети, лоши татковци или мајки, неуспешни во својот занает и работа. Кога дојде до оваа војна, тие препишаа сè. Обвинија сè друго за нивниот неуспех и почнаа од почеток да се докажуваат, поточно да прават нешто. Многу од нив всушност влегоа во војната поради тоа.
Така што, живееме во оваа страшна ситуација, каде што единствената вистинска вистина беше обединување на јужнословенските народи. И според мене тоа беше најправилниот копнеж. Меѓутоа, немаме време да зборуваме за тоа во оваа емисија, тој сон се распадна, но ние не исчезнавме. Сè уште сме сите исти во очите на светот и Европа. Ние за нив сме еден Балкан. И секогаш ќе бидеме тоа, и нема да постои рамноправност уште долго.
Знаеш кога ќе има рамноправност?
Дали знаеш кога?
Кога сите овие мали народи, сега кажувам една многу страшна работа, ќе исчезнат, кога нивните јазици ќе исчезнат, а тоа може да се случи, за 200, 300, 400 години, овие јазици наречени македонски, српски, хрватски, словенечки, ќе се изгубат. Луѓето се повеќе ќе зборуваат англиски, германски, големите јазици, бидејќи ќе живеат со голем народ. Кој од тие деца што ќе се родат за 100 години ќе сака да оди на академија да студира глума на македонски јазик? Кога одлично ќе зборуваат некои јазици, можеби во тоа време и рускиот ќе стане рамноправен со англискиот. И ќе сакаат да одат да студираат глума во Москва или Лондон, или Виена или во Германија. Тоа е тажната приказна за која зборуваше и Крлежа, вели Шербеџија.
![](https://triling.mk/wp-content/uploads/2025/02/darko2-1024x473.jpg)
Пред да започнеме со некои укажувавања на тоа дека ќе бидат разрешени членовите на Судскиот совет, би било многу подобро доколку видевме конкретен план како би се избрале новите членови на Судскиот совет, за барем да бидеме уверени дека имаме некаков план, за во иднина да може да даде некои одржливи резултати на долг план.
Говорејќи околу прашањето какви реформи се неопходни во македонскиот правосуден систем за да се врати довербата, Аврамовски вели не се потребни реформи, туку треба да се користи системот којшто веќе е поставен, но тој треба да се применува со добра волја и сите оние законски недостатоци и недоречености да се исполнуваат со добра пракса наместо да се злоупотребуваат.
„Потребно е сите чинители да започнат од самите себе. Да видат што тие можат да направат за да ги унапредат состојбите. Кога е во прашање извршната власт и Собранието првенствено тука се буџетите на судската власт од кои многу работи зависат, како функционалноста, ефикасноста, континуираните обуки на судиите итн., така што можеби најнапред треба да се започне од она што секој лично, индивидуално може да го направи, а секако тоа се однесува и на Судскиот совет чии членови мора конечно да преземат некакви активности за да ја унапредат својата репутација во јавноста, бидејќи во спротивно оправдано ќе бидат мета на критики постојано“, смета Аврамовски.
Говорејќи за последниот случај со младата Фросина која беше прегазена на пешачки премин во центарот на Скопје, за судијката која претходно водела предмет против момчето кое ја прегази и колку пост фестум може нешто да се разоткрие со преиспитувањето на претходните судски пресуди на судијката, Аврамовски вели дека Судскиот совет треба да ја практикува ваквата форма на контрола, односно да го преиспитува работењето на судиите доколку има сомнеж дека станува збор за некакво непрофесионално однесување или некакво прекршување на законот, но мора да има систем којшто ќе биде и превентива на ваквото однесување, односно она редовното оценување и редовното следење на работата на судиите, треба да биде некаков индикатор за тоа дали и какви пропусти можат да настанат во пракса, за Судскиот совет да може да делува и превентивно во таа насока.
Целото издание на магазинот „Трилинг“ со Горазд Чомовски погледнете го во видеото.