![](https://triling.mk/wp-content/uploads/2024/06/sobranie-zgrada-pdz-1068x689-1-750x430.jpg)
Во Собранието јавна расправа за законски измени за поголема безбедност во сообраќајот
Во Собранието денеска во рамки на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците ќе се одржи јавна расправа за потребата од измени на законската регулатива со цел зајакнување на безбедноста во сообраќајот.
Во Собранието денеска во рамки на Комисијата за политички систем и односи меѓу заедниците ќе се одржи јавна расправа за потребата од измени на законската регулатива со цел зајакнување на безбедноста во сообраќајот.
Иницијативата за јавната расправа следува по случајот на Фросина Кулакова, 22-годишна девојка од Неготино која на 29 јануари беше прегазена на пешачки премин на бул. „Партизански Одреди“ од страна на 20-годишниот Васил Јованов од Скопје. На 20-годишниот скопјанец осомничен за смртта на Фросина му беше определена мерка притвор од 30 дена, а за него и претходно имало кривични пријави за друга сообраќајна незгода и за недозволена употреба на дрога.
Според најавите, јавната расправа се очекува да трае околу два часа, а на неа се поканети претставници од Министерството за внатрешни работи, Министерството за правда, Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, судии, јавни обвинители, невладини организации, медиуми и останати општествени чинители.
Иницијативата за одржување на јавната расправа беше поднесена во понеделникот од страна на пратеници од владејачките ВМРО-ДПМНЕ, „Вреди“ и ЗНАМ, а поддршка дадоа пратениците од сите политички партии.
Премиерот Христијан Мицкоски во вторник на владина прес-конференција во одговор на новинарско прашање поврзано со јавната расправа нагласи дека работите треба да се решаваат системски, а не ад хок како досега. Потенцира дека одредени структури за да ја зајакнат својата политичка моќ кадровски интервенирале во рамки на Обвинителството и судството.
– Ова што се случи е резултат на ад хок решавање на работите во позитивна насока, но и негативна. Овој пример, за жал, каде што прерано згасна еден млад човечки живот треба сите нас да нѐ освести, а најмногу прстот на чело треба да си го стават сите оние кои за да ја зајакнат својата политичка моќ интервенираа кадровски во рамки на Обвинителството и судството. Тоа е нешто кое што треба да нѐ опоменува сега и генерациите што следат, бидејќи грешките понекогаш знаат да бидат фатални, рече Мицкоски.
Прашан дали Владата планира нови измени на Кривичниот законик, премиерот рече дека се разгледува и таа можност.
– Се разгледува и таа можност, но и усогласување со Извештајот на Оценкската мисија доставен до Министерството за правда и во рамки на европската пракса. Се разбира дека размислуваме и тоа е наш услов од нашата амбиција да бидеме дел од европското семејство. Тоа нема да бидат измени на Кривичен законик поради што ние имаме некакви политички договори со некого за застарување и амнестија и слично, туку тоа ќе биде во духот на она кое што го бара од нас Европската унија и преговарачкиот процес. Не сакам да се враќам во времето и да ве потсетувам Беса транс, Ласкарци и така натаму, бидејќи тоа се случувања кои што сакам да ги избришам од мојата меморија, каде што десетици луѓе загинаа, а зошто и како не би сакал сега да зборувам. Стојам на ставот дека треба да се најде системско решение, а тоа го гледам во безбеден град, безбедни автопати и тн. Ако успееме еден живот да спасиме, ние сме ја завршиле нашата мисија како политичари, рече Мицкоски.
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче во вторник изјави дека е добро што ќе има јавна расправа во Собранието за законски измени за зајакнување на безбедноста во сообраќајот, напоменувајќи дека како партија веќе работат на одредени предлог законски решенија, од кои едното се однесува на одземање на возилото како една од мерките за потешките случаи.
– Имаме два конкретни предлога како партија. Прво да има присутен полицаец пред и во секое училиште за време на одвивање на наставата и тој полицаец би се грижел за безбедноста на влезот во училиштето и на пешачките премини и секако за безбедноста на училиштето, гледајќи што се случува со некои инциденти во регионот. И вториот предлог ќе биде сериозно заострување на казните за најтешките прекршоци во сообраќајот, кои што дури ќе вклучуваат и одземање на возилото по примерот на некои европски земји, изјави лидерот на опозициската СДСМ.
Судскиот совет формираше Комисија составена од судиите Данка Ристова, Антоанета Димовска и Татјана Чачарова Илиевска, кои ќе треба да испитаат дали имало пропусти во одлуката на судијката Даниела Алексовска-Стојановска од Основниот Кривичен суд Скопје која за Васил Јованов, пресудила воспитно поправна мерка – упатување во поправен дом за малолетници за поседување и продажба на наркотички средства.
Претседателот на Судски совет, Александар Камбовски вчера одговарајќи на новинарски прашања посочи дека малку е чувствително времето, затоа што предметот во овој момент се наоѓа пред Апелацискиот суд во Скопје.
– Треба внимателно да постапува Комисијата, да не создаде притисок врз апелационите судови бидејќи тие нормално треба да одлучат по таа првостепена пресуда. Ако е добра ќе ја потврдат. Ако сметаат дека не е во ред, дека постојат одредени повреди на постапката, ќе ја укинат или можеби ќе ја преиначат. Затоа треба комисијата внимателно да изврши увид и откако ќе заврши со увидот, ќе направи свој извештај. Ќе се постапува паралелно. Меѓутоа, убаво би било да внимаваме бидејќи не сакаме да почувствува Апелациониот суд некаков притисок од наша страна. Доволен е притисокот што веќе го има од јавноста врз тој суд, рече Камбовски.
Обвинителството се уште презема мерки и прибира докази за сообраќајната несреќа на „Партизанска“ во која загина 22-годишната Фросина Кулакова. Републичкиот јавен обвинител, Љупчо Коцевски вчера рече дека казната треба да има одредена цел и влијание и јавниот обвинител во тој поглед ќе ги преземе сите дејствија на обезбедување на цврсти докази.
Коцевски вели дека возачот ќе остане во притвор, бидејќи се работи за кривично дело сторено со умисла, најтешко кривично дело во сообраќајот во однос на безбедноста.
– Знае јавноста, запознаена е дека се работи за движење со голема брзина. Истиот е под дејство на алкохол, поминал на црвено светло, брзината точно ќе ја утврди вештото лице од областа на сообраќајот. Така што во тој дел Јавното обвинителство нема никаков проблем и токму затоа е определен и 30 дневен притвор. Што значи за овие кривични дела казната е висока, и затоа јавниот обвинител предложил притвор за да се обезбедат доказите во текот, но и да не влијае евентуално на постапката или на сведоци, изјави Коцевски.
Според Основното јавно обвинителство (ОЈО) Скопје, возачот Васил Јованов е обвинет дека кривичното дело го сторил со умисла. Согласно оваа квалификација на делото, сторителот според Кривичниот законик може да добие затворска казна од четири до 20 години. Тој се товари дека на 29 јануари, поминувајќи на црвено светло, без возачка дозвола и под дејство на алкохол, ја прегазил Кулакова која на обележан пешачки премин ја преминувала коловозната лента на бул. „Партизански Одреди“. За него и претходно имало кривични пријави
За денеска во 12:30 часот е закажана прес-конференција на адвокатот и семејството на Васил Јованов.
Изминатите денови по повод смртта на Кулакова беа одржани неколку протести, а нови протестни маршеви се закажани во сабота во Скопје и Неготино.