Разговор со Иван Шопов во Градската библиотека во Скопје
Во спомен-собата „Т’га за југ“ на Градската библиотека „Браќа Миладиновци“ во Скопје, денеска со почеток во 19 часот ќе се одржи разговор со писателот и преведувач Иван Шопов. Неговата збирка раскази „Зентрифуга“ е прогласена за книга на месецот и е дел од кампањата „Читаме современи македонски автори“.

„Зентрифуга“, издание на „Бегемот“, е збирка раскази полни со хумор, иронија и пародија, кои преку духовити пресврти ги разнишуваат етичките гледишта на зен приказните. Книгата содржи и микрораскази кои извлекуваат маргинализирани перспективи и дестабилизираат вообичаени ситуации, создавајќи ефект на хумор и ново сознание.
Разговорот со Шопов ќе го води Александра Јуруковска, а фрагменти од неговите дела ќе интерпретира актерот Андреј Серафимовски.
Шопов (1987) е македонски писател и преведувач, дипломирал на Катедрата за општа и компаративна книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје. Автор е на книги раскази, песни во проза и сатирични текстови, а неговите дела се преведени на повеќе јазици. Шопов е коосновач на мобилниот културен центар КЦ 750 и работел како уредник во „Темплум“ и „Окно“.
Кампањата „Читаме современи македонски автори“ започна во септември 2022 година и е препознатлива по активностите како Книгата на месецот, Разговорот со авторот и Клубот на читатели. Настанот е дел од програмата „Скопје – европска престолнина на културата 2028“.