НИС бара одложување на санкциите за најмалку 90 дена
Министерката за рударство и енергетика Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ изјави дека барањето е поддржано од владите на Србија и Унгарија и дека Србија побарала од Американците да ги одложат санкциите за минимум 90 дена.
Српската нафтена индустрија испрати официјално барање до Канцеларијата за контрола на странски средства на Министерството за финансии на САД (OFAC) за одложување на санкциите.
Министерката за рударство и енергетика Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ изјави дека барањето е поддржано од владите на Србија и Унгарија и дека Србија побарала од Американците да ги одложат санкциите за минимум 90 дена.
„Барањето се однесува на добивање општи или посебни лиценци кои ќе овозможат НИС да ги одржува операциите додека се бара прифатливо решение за сопственичката структура и управување, со цел да се осигура дека компанијата, која е регионално и стратешки важна за енергетската стабилност, ќе продолжи да работи“, наведе Ѓедовиќ Хандановиќ во соопштение.
„Со оглед на важноста на НИС за српската, но и за регионалната економија, итно бараме OFAC да размисли за моментална помош во форма на одложување на санкциите за минимум 90 дена, додека се разгледува одржливо решение што ќе доведе до укинување на санкциите“, додаде министерката, која е шеф на Работната група за следење на активностите на Министерството за финансии на САД, Канцеларијата за контрола на странски средства (OFAC), во врска со потенцијалното воведување санкции против НИС.
Ѓедовиќ Хандановиќ нагласи дека Владата на Србија го поддржува барањето за издавање ваква лиценца на НИС бидејќи, како што рече, санкциите ќе ја нарушат способноста на компанијата да ги снабдува српските граѓани со нафта и нафтени деривати.
Министерката вели дека „вработените во НИС и граѓаните немаат причина за грижа, бидејќи државниот врв, како и досега, ќе ги штити интересите на Србија“.
„Потсетуваме дека американските претставници јасно повторуваа дека санкциите не се насочени против Србија и нејзините граѓани и во согласност со тоа се надеваме на конструктивно продолжување на дијалогот, за да не се наруши енергетската стабилност на Србија, но и на целиот регион“, изјави Ѓедовиќ Хандановиќ.