Унгарскиот премиер Виктор Орбан во понеделникот во Будимпешта одржа говор, насловен „Почнува нова ера“, оценувајќи го унгарското претседателство со ЕУ, наместо да присуствува на инаугурацијата на американскиот претседател Доналд Трамп, за која не добил официјална покана.
Според магазинот „ХВГ“ Орбан им се заблагодарил на оние кои работеле за успехот на унгарското претседателство, и „нека ги земе ѓаволот оние кои застанаа против унгарските аспирации, а ако се Унгарци нека одат до дното на пеколот“.
Според Орбан, инаугурацијата на Доналд Трамп отвора нова ера во Брисел и Европската унија, а промената има и геополитички и економски импликации. Тој ја спомена „зелената транзиција“, која според него во моментов ја уништува европската индустрија и верува дека Америка ќе излезе од ова „патување“ по инаугурацијата на Трамп. Тој очекува дека борбата меѓу Америка и Брисел ќе започне во вторник и дека тоа ќе има влијание врз унгарскиот народ.
Најважното искуство за Орбан во изминатите шест месеци било ова:
„Видов дека единствениот геополитички центар каде што не се занимаваат со светските политички промени е Брисел (…) ЕУ не само што заостанува во конкуренцијата, туку не ни почнала да се подготвува“ и употреби фудбалска аналогија: Европската унија „само седи во соблекувалната, додека натпреварот треба да започне надвор“, а потоа ја цитираше својата изјава на радио во петокот: „Европа е во фаза на опивање, наместо на отрезнување“.
Унгарскиот премиер рече дека мировната мисија што ја започна сега ќе ја продолжи некој друг, претседателот Доналд Трамп, бидејќи оваа задача повеќе му одговара и немуи на Соединетите Американски Држави. Тој верува дека „ние бевме Трамп пред Трамп“, Унгарија е пионер во однос на државната организација и самоидентитет, „затоа либералите нѐ мразат од се срце“.
Премиерот е убеден дека ЕУ е болна затоа што не може да гарантира безбедност, да го подобри квалитетот на животот, не може да ја запре миграцијата, а вклучувањето на Украина би го уништило земјоделството на сегашните земји-членки.
Орбан потсети дека во последните 25 години Европската унија сакаше да се развива на многу начини, формулираше стратегии, но тие не успеаја. Заедничките политики не се од корист за поединечни земји-членки, но сепак ЕУ „постави цел да го елиминира суверенитетот на земјите-членки“. Премиерот зборуваше за лево-либерална, глобална, трансатлантска елита, олигархија, која „вработена со парите на Џорџ Сорос“ го зеде Брисел како заложник. Сојузот на патриотите во ЕУ сака да ја замени оваа елита.
„Само неколку часа и сонцето ќе свети поинаку над Брисел: нов претседател во Америка, голема патриотска фракција во Брисел, голем ентузијазам, докажани патриоти кои ја сакаат својата земја“, рече Виктор Орбан.
Тој го заврши говорот со пораката: „Големиот напад може да започне, со ова ја отворам втората фаза од операцијата насочена кон заземање на Брисел“.
Извор: Независен