Путин: Мариупол е ослободен!

„Мариупол е ослободен и таму нема повеќе борби“.

Ова денеска го изјави рускиот претседател – Владимир Путин во разговор со турскиот колега Реџеп Таип Ердоган и ги повика украинските борци и маринци да се предадат и порача дека животот им е загарантиран.

„Огромната фабрика за челик `Азовстал` е последната локација контролирана од украинските сили во Мариупол. Киев треба да `преземе одговорност` за војниците во фабриката за челик `Азовстал` во Мариупол“ – му рекол Путин на Ердоган, се вели во соопштението на Кремљ.

Путин ги повика украинските војници во Азовстал да го положат оружјето.

„На воените заробеници им се гарантира живот, медицинска нега и третман во согласност со меѓународните правни стандарди“ – се вели во соопштението.

Украина вчера соопшти дека Обединетите нации треба да бидат „иницијатор и гарант“ за секој договор за евакуација што ќе мора да се спроведе во присуство на Црвениот крст.

Зградите на комплексот се во голема мера уништени, но украинските борци се кријат во големата мрежа на подземни тунели од каде продолжуваат да им пружаат отпор на Русите.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски изјави дека околу илјада цивили и стотици ранети се кријат таму, во катастрофални услови, без вода и храна.