(Видео) Трилинг: Правни заврзлами и (не)исплатлив криминал

🔴 – Низ многу примери се потврди девизата дека криминалот се исплати, па дури и во судски процеси коишто имаа одредена завршница, видовме дека животот понатака продолжи и тоа релативно добро. 🔴 – Вистината е преценета работа. Од секогаш човекот сакал повеќе да слуша приказни отколку да ја слушне вистината. Кинематографијата која беше оригинална и препознатлива, како делата на Столе Попов и Милчо Манчевски, повеќе не постои, затоа што последните 20 години, Македонија како дел од европската идеја за кинематографија влезе во водата на нарачки. 🔴 – Во сите професии ударот на Вешатачката интелигенција ќе има свој удел. Некои целосно ќе бидат заменети, некои ќе бидат помош на човекот. Дигитализацијата може да помогне во намалувањето и сузбивањето на корупцијата. Практично треба да се дигитализираат сите процеси и што повеќе да се елиминира човечкиот фактор.

„Како општество би требале да се запрашаме дали сме подготвени да ги почитуваме правилата дури и тогаш кога нивното прекршување ни дава одредена макар и минимална предност или корист и кога постои можност да поминеме и ние самите несанкционирано, а од друга страна и штетата на некое општо колективно добро би била минимална, вели за магазинот „Трилинг“, д-р Лепосава Огњаноска Ставровска од Меѓународен балкански универзитет, говорејќи за тоа кои ќе импликациите доколку кај нас политиката на неказнивост и правна несигурност стане бескрајна приказна.

Фото: Трилинг / Д-р Лепосава Огњаноска Ставровска

– Владеењето на правото треба да го зачувуваме и со лични примери унапредуваме, но од друга страна се согласувам дека придржувањето до една таква животна филозофија е дотолку потешко во ситуација кога гледаме дека низ многу примери се потврди онаа девиза дека криминалот се исплати, па дури и во судски процеси коишто имаа одредена завршница, видовме дека животот понатака продолжи и тоа реалтивно добро. Сигналите коишто доаѓаат од САД преку „Црните листи“ треба да дадат поттик на домашните органи за справување со овој ендемски вид“, вели д-р Огњаноска Ставровска.

Огњаноска Ставровска смета дека треба да почнеме многу посуштински да говориме за владеењето на правото, да излеземе од тој магепсан круг на датуми, на исходи коишто во себе не кријат реални решенија, туку навистина да се договориме како општество дека ќе се зафатиме со горливите проблеми, бидејќи се до тогаш мотивацијата и енергијата за справување со проблемите неминовно ќе се разводнува.

Говорејќи за тоа што може да се очекува од политиката на Трамп во однос на светските случувања, соработката со ЕУ и каде е тука регионот, Огњаноска Ставровска вели дека вториот мандат на Трамп предизвикува политичка анксиозност и кај оние држави кои се традиционално пријателски на САД и кај другите кои се сметаат за ривали на глобалната сцена.

Фото: Трилинг / Јани Бојаџи

„Кај нас има салијеризам. Во Македонија има една група на 4-5 луѓе внатре во друштвото на ДФУМ кои себе си од позиција на моќ, тоа се деца на црвената буржоазија, си земаат за право да определуваат ко во Македонија е уметник и кој во Македонија воопшто може да снима. Нивната дрскост и нивниот салијеризам( поривот на еден уметник да уништи друг уметник, за само тој да остане како траг во времето дека постоел како уметник), тие луѓе прво го уништија Столе Попов, пред десетина години, со филмот „До Балчак“. Секој кој може нив да ги загрози како уметници, како творци, тие буквално го уништуваат.

– Така го уништија грандиозниот „До Балчак“ на Столе Попов. Филмот не доживеа премиери не доживеа дистрибуции, ништо. Го уништија Столе Попов. Следнот беше Милчо Манчевски. Гледате како тоа се случува етапно. Чекор по чекор. И ние најпосле мора да разбереме дека не смееме да бидеме заложници на салијеризмот и на лукративниот интерес на 4-5 луѓе внатре во ДФУМ кои во последните 25 години сите заедно потрошиле околу 80 милиони евра за различни филмски и телевизиски прокети. Каков е повратот? Тие луѓе 25 години имаат свои продукции со еден вработен. Замислете, малата и сиромашна Македонија во нив вложила преку 80 милиони евра, а тие не успеале да одржат продукции и со еден вработен, вели во интервју за „Трилинг“, режисерот, сценарист и продуцент Јани Бојаџи.

-Тие не развиле студија, не промовирале дебитанти, не помовирале нови вредности, не промовирале ниту еден костимограф, сценограф, композитор, ниту една додадена вредност. Се што направиле било лукративно. Земале средства од општеството, снимале филмови такви какви што снимале, никој во Македонија не ги видел тие филмови и се случува тоа што се случува.

Фото: Трилинг / проф. д-р Андреа Кулаков

„Треба со еден оптимизам да гледаме на иднината. Јас верувам дека вештачката интелигенција (ВИ) употребувана правилно може да доведе до општ просперитет на целокупното оштество и дека тоа всушност ќе се случи. Сите тие други дистопски филмови што ги гледаме, тоа е пред се заради природата на човекот, а не нужно заради некаква природа на ВИ. Значи ние ја создаваме, и ние така ќе ја создадеме да продолжи да се развива за да служи за добробит на човештвото“, изјави во „Трилинг“, проф. д-р Андреа Кулаков говорејќи за ВИ како предизвик, шанса, страв, неизвесност?

– Дигитализацијата може да помогне во намалувањето и сузбивањето на корупцијата. Практично треба да се дигитализираат сите процеси и што повеќе да се елиминира човечкиот фактор и втора работа е достапноста на информациите, да бидат отворени, да може во секој момент било кој заинтересиран тоа да го провери. Така и луѓето кои се на власт многу повеќе би се плашеле дека некој во секој момент може да го провери нештото и тоа да биде разоткриено. Вештачката интелигенција може да помогне во дел од тие процеси – како дигитализацијата или во зголемување на ефикасноста“, вели Кулаков.

Целото издание на магазинот „Трилинг“ со Горазд Чомовски, погледнете го во видеото.