Министерот Спасовски: Шпекулациите кои кружат во Бугарија и Македонија не се добредојдени за истрагата

Македонската Влада денеска формираше тим кој ќе го организира превозот на жртвите од автобуската несреќа од Бугарија во државата на достоинствен начин. Поради тоа е формирана работна група предводена од министерот за надворешни работи Бујар Османи, а во која уште членуваат министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска и министерот за здравство Венко Филипче.

Во врска со многубројните шпекулации за несреќата на автопатот „Струма“, министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска во интервју за националниот сервис рече дека „не се добредојдени за истрагата“.

„Клучно за идентификација на телата е обезбедувањето на биолошкиот материјал од страна на роднините на починатите. Тоа е веќе обезбедено за да можат да продолжат со активности. Според проценките на експертите од Северна Македонија и Бугарија, кои што работат во судска медицина се очекува за седум дена да се заврши целосната идентификација. Нашите институциите се во постојана комуникација. МВР има посебен штаб. Како ќе ги добиеме сите информации во однос на тоа како ќе бидеме подготвени за да се изврши преносот на телата тоа ќе го организираме. Важно е да имаме официјални информации потврди за причините и добро е што денеска се објавија првичните наоди за да престанат сите шпекулации во јавноста. Разните шпекулации кој што кружат во Бугарија и Северна Македонија, не се добредојдени за истрагата. Мислам дека прават повеќе штета, нанесуваат некаков момент кој што не е поволен за сите нас, а посебно за Северна Македонија, за граѓаните, а посебно за семејствата. Очекувам дека и понатаму ќе се продолжи детално, за да се утврдат сите факти врз основа на вештачењето и врз основа на тоа што се презема“ рече Оливер Спасовски.