Позициите во македонско-грчките односи на кандидатот за претседател на Грција Тасулас
Се сретна со тогашниот претседател на македонското Собрание, ја поддржува ЕУ перспективата на регионот, порачуваше дека Договорот од Преспа мора да се почитува, но и сметаше дека ратификација на меморандумите не е итна, МИА анализира, кој е кандидатот за претседател на Грција Константинос Тасулас, кој за помалку од два месеци се очекува да ја преземе функцијата шеф на државата и какви беа неговите ставови во однос на нашата земја.
Се сретна со тогашниот претседател на македонското Собрание, ја поддржува ЕУ перспективата на регионот, порачуваше дека Договорот од Преспа мора да се почитува, но и сметаше дека ратификација на меморандумите не е итна, МИА анализира, кој е кандидатот за претседател на Грција Константинос Тасулас, кој за помалку од два месеци се очекува да ја преземе функцијата шеф на државата и какви беа неговите ставови во однос на нашата земја.
Грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во телевизиска порака до граѓаните вчера соопшти дека „со чувство на одговорност предлогот на Нова демократија за следниот претседател на државата ќе биде Константинос Тасулас“, за кој рече дека има искуство и како градоначалник и како министер, но и како пратеник и посочи дека има „длабоко познавање на грчката историја, вистински патриотизам и чесен карактер, со социјална чувствителност и вистинска едноставност и скромност“.
Со оглед на тоа што Тасулас доаѓа од владејачката Нова демократија и веќе 25 години е пратеник од оваа партија, генерално ставовите во однос на нашата земја, не се разликуваат од ставовите на актуелната грчка Влада.
Ја поддржува европската перспектива и на регионот и на Северна Македонија, но и порачува дека е неопходно да се почитува Договорот од Преспа, согласно неговите јавни изјави изразени во изминатите години како претседател на Парламентот, а кои ги анализира дописничката на МИА од Атина.
Една од последните изјави на Тасулас што се однесуваат на нашата земја беше на почетокот на јули минатата година кога за време на средбата со претседателот на Република Летонија порача дека „Европа ќе дојде на Западен Балкан кога целиот Западен Балкан, а особено Северна Македонија и Албанија, ќе дојдат кон вредностите на Европа“.
– Грција се стреми кон проширување на Европската унија, затоа што настојува да се прошират принципите на Европската унија, владеењето на правото и почитувањето на меѓународното право на целиот Балкан. Токму затоа што денес во нашето соседство човековите права на грчкото малцинство во Албанија, но и меѓународното право преку прекршувањето на Договорот од Преспа од страна на Северна Македонија се разнишани. Ние инсистираме, не билатерално, инсистираме на тоа дека Европа ќе дојде на Западен Балкан кога целиот Западен Балкан, а особено Северна Македонија и Албанија, ќе дојдат кон европските вредности, порача тогаш Тасулас.
На крајот на октомври 2022 година на маргините на Конференцијата на претседателите на Парламентите на земјите – членки на Советот на Европа, се сретна со тогашниот спикер на Собранието Талат Џафери и по средбата порача дека парламентите со кои претседаваат „треба да го покажат патот за подобрување на односите меѓу двете земји“.
Средбата на Тасулас и Џафери беше прва билатерална средба на собраниските спикери на Грција и Северна Македонија.
– Разговаравме поконкретно и анализиравме начини на кои би можеле двата Парламенти да соработуваат преку парламентарните групи за пријателство. По нашиот билатерален контакт, сметам и се чувствувам дека треба да ги охрабриме овие односи меѓу нашите Парламенти, бидејќи само добро може да ни донесе подобрувањето на овие односи, како и подобрувањето на климата на соработка меѓу нашите земји, коишто се директни соседи, рече тогаш Тасулас, а во однос на Договорот од Преспа посочи дека „треба целосно да се почитува за подобрување на односите на двата народи“.
Тасулас на средбата доби уште една покана од Џафери да го посети Скопје и да се обрати во Собранието, за што тогаш имало подготвеност од Атина, меѓутоа ова никогаш не се реализираше.
Ратификациите на трите меморандуми со нашата земја потпишани по Договорот од Преспа, односно Предлог законите за „Меморандумот за забрзување на процесот на интеграција на Северна Македонија во ЕУ“, за „Меморандумот за формирање на Координативен комитет за економска соработка“ и за „Техничката спогодба за надгледување на FIR Скопје“, кои сè уште чекаат да бидат ставени на дневен ред, беа една од темите на средбата со Џафери, но и тема за која Тасулас неколку пати излезе со јавен став.
На крајот на септември 2020 година, кусо откако меморандумите беа доставени во Парламентот, Тасулас, како претседател на грчкиот Парламент, одговарајќи на соопштението од СИРИЗА, во кое од опозициската партија коментираше дека Владата на неодредено време ги одложува ратификациите, посочи дека „трите ратификации на меѓународните договори со Северна Македонија немаат карактеристика на итни“.
Нешто помалку од една година подоцна, на крајот на јуни 2021 година, како што тогаш објавија грчките медиуми, одговарајќи на прашања од новинарите за меморандумите за соработка рекол дека не влијаат на Договорот од Преспа, дека не се нешто сензационално, објаснувајќи дека едниот, што се однесува на воздушниот простор веќе е имплементиран, а другиот се однесува на економската соработка, а во однос на тоа кога ќе бидат донесени за ратификација рекол дека тоа „не е во приоритетите на Владата“.
Од адвокат, пратеник, поранешен министер и претседател на Парламентот до шеф на државата
Константинос Тасулас, кој се очекува да биде избран од Парламентот и на средината на март да ја преземе функцијата претседател на Грција, е адвокат по професија, од јули 2019 година е собраниски спикер, позиција на која три пати со широко мнозинство беше изгласан од пратениците.
Роден е во градот Јанина, студирал во Атина, а работел и во адвокатска канцеларија во Лондон, во периодот 1981-1990 година беше секретар на поранешниот претседател на Нова демократија Евангелос Авероф-Тосица, како и советник во неколку министерства.
Во Владата на Костас Караманлис беше заменик-министер за одбрана, а во Владата на Самарас министер за култура, но и градоначалник на населбата Кифисја во северниот дел на Атина.
Од 2000 година е пратеник од Нова демократија, а изминатите пет и пол години е и претседател на Парламентот.
Грчкиот премиер одлучи да не ѝ даде можност за втор мандат на Катерина Сакеларопулу и да го предложи Тасулас, објаснувајќи дека „во следниот период и во турбулентната меѓународна средина, на земјата ѝ е потребен претседател со долга кариера во јавниот живот и со јасни политички карактеристики“.
– Предлогот на претседателот на Нова демократија и премиер Кирјакос Мицотакис за функцијата Претседател на државата за мене претставува врвна чест, но и одговорност, порача вчера Тасулас, а со оглед на тоа што од грчките опозициски партии негативно го оценија владиниот предлог, коментирајќи дека станува збор за партиски кандидат, според калкулациите во Грција се очекува претседател да биде избран при претпоследното, четврто по ред гласање во Парламентот и без широки мнозинство како што беше случајот со изборот на Сакеларопулу.
Согласно Уставот, претседателот во Грција го одбира Парламентот по предлог на Владата, предвидени се најмногу пет гласања, доколку при првото не се постигне потребното двотретинско мнозинство од вкупниот број пратеници, а соодветните процедури ќе започнат на 25 јануари со првото гласање.
Со уставните измени на крајот на ноември 2019 година, изборот на претседател се одвои од предвременото распуштање на Парламентот, за да се избегне реприза на она што се случи во 2015 година, кога недоволниот број гласови за претседателскиот кандидат доведе до предвремени избори во земјата.
Сега, при гласањето во Парламентот доколку кандидатот не добие двотретинско мнозинство, гласањето се повторува по пет дена, доколку и при второто гласање не се постигне потребното мнозинство, ќе се одржи и трето на кое ќе бидат потребни три петтини од вкупниот број гласови, односно поддршка од 180 од вкупно 300 пратеници.
Доколку не добие ни 180 пратеници, ќе следи и четврто гласање, повторно по пет дена, кога ќе биде потребно мнозинство од вкупниот број пратеници, а доколку и ова мнозинство не се постигне, гласањето се повторува по пет дена, по петти пат и за претседател се избира кандидатот кој добил соодветното мнозинство.