Атина домаќин на Европските филмски награди во 2027 година
За две години, на средината на јануари 2027 година, Атина ќе биде домаќин на 39 Европски филмски награди, кои, според општината, првпат ќе се одржат во град во југоисточна Европа, „факт што претставува значајно признание за Атина и за позицијата на градот како единствена дестинација за меѓународни филмски продукции“.
За две години, на средината на јануари 2027 година, Атина ќе биде домаќин на 39 Европски филмски награди, кои, според општината, првпат ќе се одржат во град во југоисточна Европа, „факт што претставува значајно признание за Атина и за позицијата на градот како единствена дестинација за меѓународни филмски продукции“, јави дописничката на МИА од Атина.
Предлогот Атина да биде град-домаќин го подготвил Грчкиот центар за филм, аудиовизуелни средства и креативност „Creative Greece“, го доставил до Европската филмска академија и бил прифатен, церемонијата ќе се одржи на 16 јануари 2027 година во Културниот центар на Фондацијата Ставрос Ниархос, а активностите во пресрет на доделувањето на наградите ќе започнат 12 месеци претходно, со бројни настани посветени на грчката и европската кинематографија.
– Со голем ентузијазам ќе бидеме домаќини на Европските филмски награди. Атина е жив и гостопримлив град, кој со посетителите го споделува своето богато културно наследство во комбинација со модерниот, надграден имиџ. Со право беше прогласена за водечка светска културна дестинација за 2024 година на „World Travel Awards“. И сега, со честа што ни ја прави Европската филмска академија, позицијата на нашиот град како популарна дестинација за филмската индустрија е официјално признаена, рече градоначалникот на Атина Харис Дукас, објаснувајќи дека преку Athens Film Office им помагаат на меѓународните и домашните продукции.
Од општина Атина информираа дека токму Athens Film Office во 2024 година придонела за 28 меѓународни продукции, кои се проценува дека на локалната економија и обезбедиле 2.000 работни места и приходи од 40 милиони евра.