Во најавата за вториот круг од претседателските избори во Хрватска светските агенции пишуваат за речиси сигурна победа на Зоран Милановиќ, а некои од нив ја прикажуваат и борбата меѓу него и неговиот противкандидат Драган Приморац како судир меѓу популист и научник, пренесе Хина.
Австриската агенција АПА пишува дека по „надмоќната“ победа на Милановиќ во првиот круг, со 49,09 проценти наспроти 19,35 проценти на Приморац, се очекува актуелниот претседател да „триумфира“ во вториот круг и дека „единственото прашање е со колкава разлика“.
АПА пишува дека хрватските политички аналитичари се едногласни во предвидувањето на победата на Милановиќ и дека владејачката ХДЗ, најголемата партија зад независниот кандидат Приморац, „се бори да ја намали разликата од првиот круг“ и со тоа да го ублажи поразот во пресрет на локалните избори во мај.
Австриската агенција пишува дека ХДЗ ја мобилизирала „целата партиска машинерија“ за вториот круг, што вклучува инструкции преку WhatsApp за членовите на партијата да донесат уште тројца гласачи за Приморац на гласачкото место во недела.
„Според политичките набљудувачи, малиот број гласови во првиот круг покажа дека Приморац не успеал да ги убеди ниту сите гласачи на ХДЗ“, пишува АПА, споменувајќи ја и „жестоката и многу лична дебата“ меѓу двајцата кандидати во која Приморац го обвини претседателот за „проруски и просрпски став“ и „поддршка за Хамас“, а Милановиќ го критикуваше противникот за неговото пријателство со „масовните убијци“ како што е израелското раководство.
Словенечката СТА пишува дека Приморац го подобрил настапот во последната недела од кампањата, но дека нема да му биде доволно да го победи „тешкашот“ Милановиќ. Словенечката агенција пишува дека хрватските политички аналитичари ги оцениле резултатите од првиот круг како голем пораз за Приморац, но и за ХДЗ и нејзиниот претседател, премиерот Андреј Пленковиќ“.
Аналитичарите сметаат дека Приморац е лош избор за претседателски кандидат затоа што е премногу десно, а на Милановиќ може сериозно да му се спротивстави само центристички политичар како поранешниот министер за финансии Здравко Мариќ.
СТА пишува дека Пленковиќ по првиот круг го признал своето незадоволство од резултатите и ја пренесе изјавата дека само Приморац се согласил да биде кандидат, што хрватските медиуми го протолкуваа како дистанцирање на премиерот од кандидатот.
Словенечката агенција пренесува дека предизвикувачот добро се подготвил за дебатата, што беше негов најдобар настап во кампањата бидејќи од одбрана премина во напад и го истурка Милановиќ од тактиката на помирна реторика и избегнување расправии, поради што „го загуби нервите и го покажа своето старо лице“.
„Популист против научник“, е насловот на текстот на агенцијата Франс прес за изборите во недела.
Француската агенција пишува дека двајцата кандидати „тешко дека би можеле да бидат поразлични“.
„Едниот е поранешен боксер аматер и лукав политички ветеран чии популистички пораки добиваат на сила, а другиот е академик и научник кој се бори да остави свој белег.
Франс прес пишува дека Милановиќ е паметен и мотивиран политичар, но честопати арогантен и со краток фитил. Во последниве години, тој се повеќе користи популистичка и често навредлива реторика за да ја критикува Европската унија и локалните функционери, продолжува француската агенција.
Тоа пренесува како Милановиќ ветил дека ќе биде штит против целосната доминација на ХДЗ и нејзиниот „долгогодишен ривал“ Пленковиќ.
Франс прес пишува за Приморац дека е педијатар, експерт за генетика и форензика, кој стана познат како пионер на ДНК анализата во Хрватска и помогна да се идентификуваат воените жртви во 1990-тите.
Приморац беше критикуван поради недостатокот на „политичка харизма“ и и покрај поддршката од ХДЗ, не успеа да ја мотивира партиската база целосно да застане зад него, пишува француската агенција.
Освен наведеното, вториот круг од изборите не привлече голем интерес кај другите светски медиуми, освен Политико, кој во четвртокот пишуваше за наводната проруска „кампања на дезинформации“ на социјалните мрежи со цел да се поддржи „анти -НАТО“ претседателскиот кандидат Милановиќ.