
(Видео) Трилинг: Од властодршци до бегалци и обвинети за корупција и криминал
Поранешниот министер за финансии проф. Трајко Славески, потпретседателката на СДСМ Каја Шукова и проф. д-р Весна Костовска од Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ беа гости во новото издание на магазинот „Трилинг“.
„Предлогот на Фискалниот совет беше невнимателен. Ниту една земја до сега не постигнала нагло зголемување на старосна граница. Не може на вработени кои треба да се пензионираат наредната година да им кажете дека ќе мора да работат уште три години. Зато велам дека беше малку непрофесионално и невнимателно пласирана таа мерка. Останува Владата да бара други решенија. Секако дека е голем товар дефицитот во Пензискиот фонд кој што се финансира од буџетот, вели проф. Трајко Славески околу најавите и барањата за зголемување на старосната граница за пензионирање.

За генезата на тој дефицит и прашањето зошто кај нас нема дебата за овој проблем, Славески вели дека „уште од 2000-та година притисок што го изврши Светска банка да го воведеме вториот Пензиски столб, беше предвидено дека за десетина години ќе има т.н. „транзициски дефицит“, затоа што ако одземете 1/3 од средствата, од придонесот на ПИОМ и ги префрлите во приватни пензиски фондови, нормално дека ќе дојде до дефицит“.
„Тоа беше една голема заблуда, тој „транзициски дефицит“ се провлекува веќе трета деценија, а може да трае дури и половина век, односно никогаш „бел ден“ да не види буџетот и Пензискиот фонд од воведувањето на приватните пензиски фондови, смета проф. Славески.

„Согласно Законот колективна е одговорноста. Во Случајот со Артан Груби, од она што го дознаваме од јавноста, бидејќи имате пристап до е-системот на Владата кога сте таму функционер, неможеме да паметиме секоја седница на Влада што се случувало. Тоа било дополнителна точка на Влада, како пристигнала, кој ја поднел. Сите министри во одредени моменти, доставуваат дополнителни точки на Влада, меѓутоа тие се точки кога имате итност, заради временски рокови, мораат тие информации, одлуки, решенија да поминат, но во тој случај како носител на ресор, на колегите од Владата им давате образложение зошто истото мора да биде како дополнителна точка.
-Во овој случај јас не паметам кој ја поднел оваа точка, тоа треба да го истражат органите и да се види“, вели потпретседателката на СДСМ, Каја Шукова за тоа чива е одговорноста за случајот со Артан Груби, имајќи предвид дека екс премиерот Ковачевски се дистанцира од секаква одговорност.
За тоа зошто како партија СДСМ се иззема од одговорноста и се префрла вината кај власта во однос на случајот со Груби, кога токму во време на СДСМ беа донесени измените во Кривичниот законик, Шукова вели дека сегашниот претседател на партијата има кажано дека е направен одреден пропуст во Кривичниот законик.
„Одговорноста за тоа секако дека ја носиме, а во овој случај ние не велиме дали е некој одговорен или не, ние само велиме да нема политизирање на случајот, да се чека, како што вели и ЕУ амбасадорот, правдата да си го направи своето. Дајте да дадеме време, има кривична пријава, сега треба да реагира Обвинителството. Во овој случај од она што го слушаме во јавноста, од 8 лица кон шест веќе има покренати обвиненија, за две сѐ уште се работи на случајот.

„Околу јазиците многу повеќе се политизира и се користи како маша во собирање на поени, собирање на гласачи и тоа е многу одамна и некако циклично се повторува, ми се чини по потреба дека треба да се браниме. Мислам дека тие пропусти кога не се формулирало како што треба тој момент, значи без антагонизам со една спокојност да се решаваат тие проблеми, предизвикуваат се повеќе и повеќе таков антагонизам и секогаш се создава една состојба во момент кога треба или да се одврати вниманието од нешто или за да се добијат поени“, изјави проф. д-р Весна Костовска од Институтот за македонски јазик, говорејќи околу отпорот за употребата на Законот за јазици и од каде произлегува тој антагонизам.
За тоа како јазикот на заблудата да се замени со јазикот на рационалноста проф. д-р Костовска вели „многу тешко“.
-Секоја реакција некому да се спомне дека ќе се учи албанскиот јазик има ужасни реакции. И тоа не е дали да се решава на законско ниво, туку тука е веќе еден ментален склоп, треба да се направи еден културолошки скок, бидејќи ние сме многу паднати во тој поглед и треба да се добие едно чувство дека не постои опасност, дека не е страшно.
Целото издание на магазинот „Трилинг“ со Горазд Чомовски погледнете го во видеото.