Герасимовски: На разговор се повикани родителите на дел од децата што учествувале во вандалското однесување во Капиштец
Герасимовски, истакна дека малолетните лица, основци и средношколци во ноќните часови ги вознемируваат граѓаните нарушувајќи го јавниот ред и мир со уништување на детските и спортските игралишта.
„Вандализмот и малолетничката деликвенција, кои подолг период се присутни во Општина Центар, бараат заеднички напори за надминување. Во постојана комуникација сме со Полициската станица БЕКО и инспекторите од МВР. Доставени се сите снимки. Тоа што го имам како последна информација е дека на разговор се повикани родители на дел од децата што учествувале во таа толпа”, рече градоначалникот на Општина Центар во утринската емисија на телевизија Телма.
Герасимовски, истакна дека малолетните лица, основци и средношколци во ноќните часови ги вознемируваат граѓаните нарушувајќи го јавниот ред и мир со уништување на детските и спортските игралишта.
„Летото се реализираа повеќе полициски контроли и акции со МВР, додека траеа истите имавме и намалување на девијантните појави. Но, по завршувањето на летниот период сега повторно се појавува”, потенцираше Герасимовски.
На прашањето за иницијативата на Општина Центар за измени во Законот за семејство и воведување на општествено корисна работа, градоначалникот истакна:
„Инициравме предлог-измени и доставивме допис до ЗЕЛС. Веке подолг период се залагаме да се воведе општетсвено корисната работа како мерка за вандализмот кај малолетните лица. На вчерашната средба со градоначалниците дискутиравме како да го се справиме со оваа појава. Се согласивме дека Центар не е единствената општина каде што има вакви проблеми. Ова е предизвик со кој сите се соочуваме. Решението лежи во соработка меѓу сите ресорни институции. Потребна е обемна акција и кампања, а родителите и семејствата се најважната алка во процесот”.
Герасимовски зборуваше и од лична перспектива:
„Како татко, целосно ја разбирам загриженоста на родителите. Се соочив со слична ситуација дома, кога забележав дека моите две малолетни деца речиси и не комуницираат, ниту со нас, ниту меѓу себе, бидејќи постојано беа на телефоните и играа PlayStation. Пред две-три недели, одлучивме да ги одземеме уредите. Веднаш видовме промена – почнаа да комуницираат, да разговараат, да цртаат, да играат со старите играчки. Моето искуство ми покажа дека децата треба да имаат задачи, да развиваат здрави навики и да ја трошат својата енергија на позитивни активности, а не на негативни”, истакна градоначалникот.