Промоција на романот „Леска Брезоска“ од Симона Јованоска
Во Галерија-МКЦ вечер од 19 часот ќе биде промовиран романот „Леска Брезоска“ од Симона Јованоска во издание на „Или-Или“.
Во Галерија-МКЦ вечер од 19 часот ќе биде промовиран романот „Леска Брезоска“ од Симона Јованоска во издание на „Или-Или“.
„Леска Брезоска“ е втор роман на Јованоска по нејзиниот дебитантски „Денот на црвот“ со кој ја освои престижната награда „Роман на годината“ за 2021 година.
Издавачката куќа информира дека романот е составен од меѓусебно испреплетени животни приказни „сочинувајќи една кохерентна и заокружена целина, а милјето во коешто се одвиваат е македонската општествена реалност од последниве децении“.
-Приказната се одвива во Гостивар и во Скопје и ја следи животната патека на главната хероина од нејзиното детство, првите игри, детските трауми, другарувања, откривањето на сексуалноста, соочувањето со етничките тензии и немири па се до влегувањето во светот на возрасните и судирот со комплексните животни околности и борбата за нивното надминување, соопшти „Или-Или“.
Симона Јованоска (1985, Гостивар) завршила Економски факултет во Скопје, отсек маркетинг. Во 2015 година ја објавила дебитантската книга раскази „Ги најдов во длабокото“ во издание на „Или-Или“.
Во 2019 година ја добила втората награда на конкурсот на дневниот весник „Нова Македонија“ за расказот „Последниот кат“, а во 2022 година е првонаградена за расказот „Кажи му на кучето“.
Дебитантскиот роман „Денот на црвот“, кој пред три години беше прогласен за „Роман на годината“ од Фондацијата „Славко Јаневски“, е преведен на бугарски, српски и хрватски јазик.
Во 2022 година, во издание на „Чудна шума“, Јованоска ја објавила книгата за деца „Градот Вабу и потрагата на Нави“.
Промоцијата на новиот роман „Леска Брезоска“ вечер ќе се одвива низ разговор на авторката и уредникот на „Или-Или“, Ненад Стевовиќ.