Калас: Човековите права се гаранција за еднаквоста, демократијата, мирот и одржливиот развој
На Денот на човековите права, Европската Унија ја потврдува својата непоколеблива посветеност на универзалното почитување, заштита и исполнување на човековите права за секого и секаде. Овогодинешното мото „Нашите права, нашата иднина, токму сега“, ја нагласува потребата од заштита на правата и слободите за праведна, издржлива и одржлива иднина - не оставајќи никого на страна, се наведува во пораката.
Човековите права се законска, морална и активна универзална гаранција за човештвото и се од суштинско значење за човековото достоинство, еднаквост, демократија, мир и одржлив развој. Мирот и просперитетот, како и постигнувањето на целите за одржлив развој одат рака под рака со почитувањето на владеењето на правото и на човековите права, се наведува во пораката на високата претставничка на ЕУ за надворешни работи и безбедносна политика Каја Калас по повод Денот на човековите права – 10 декември.
– На Денот на човековите права, Европската Унија ја потврдува својата непоколеблива посветеност на универзалното почитување, заштита и исполнување на човековите права за секого и секаде. Овогодинешното мото „Нашите права, нашата иднина, токму сега“, ја нагласува потребата од заштита на правата и слободите за праведна, издржлива и одржлива иднина – не оставајќи никого на страна, се наведува во пораката.
Калас потенцира дека сега, повеќе од кога било, се соочуваме со вооружени конфликти, хуманитарни кризи, климатски катастрофи, неказнивост, растечки нееднаквости и на премногу места постојана родова нееднаквост.
– Меѓународниот поредок заснован на правила, со човековите права во неговата срж, останува незаменлив. Руската агресивна војна против Украина и конфликтите на Блискиот Исток, во Судан и на други места имаат ужасни последици по уживањето на човековите права на цивилното население, што ги погодува особено жените и децата, додава Калас.
Таа потенцира дека мирот не е само отсуство на војна, туку бара секојдневна работа, континуирана посветеност и заштита на човековите права, еднаквоста, правдата и демократијата, како и борбата против дискриминација.
– Човековите права се применливи насекаде и во секое време, вклучително и за време на конфликт или криза. Значајна и трајна промена може да се постигне само преку неуморна посветеност на човековите права, соработка меѓу глобалните актери, зајакнување на младите како носители на промените и практична поддршка за да се овозможи секој поединец да ги оствари своите права. ЕУ цврсто ги поддржува заштитниците на човековите права, граѓанското општество, новинарите и медиумските работници, како и сите оние кои повикуваат на мир, вистина, правда и одговорност, наведува високата претставничка на ЕУ.
Калас нагласува дека врз основа на својата цврста посветеност на Повелбата на ОН, на Универзалната декларација за човековите права и на Пактот за иднината, ЕУ заедно со Обединетите нации, Канцеларијата на високиот комесар за човекови права и своите партнери ширум светот ги повикува сите држави да ги почитуваат и исполнат своите обврски поврзани со заштитата на човековите права.
– Додека ја славиме 75-годишнината од Советот на Европа, ЕУ останува посветена на пристапувањето кон Европската конвенција за човекови права. ЕУ ќе продолжи да ги промовира и штити човековите права за секого и секаде – Вашите права, вашата иднина, токму сега и секогаш, додава високата претставничка на ЕУ во пораката по повод Денот на човековите права.
Денот на човековите права се одбележува на 10 декември на датумот на кој во 1948 година Генералното собрание на Обединетите нации ја усвои Универзалната декларација за човекови права. Одлуката за прогласување на 10 декември за Ден на човековите права беше донесена на сесијата на Генералното собрание на 4 декември 1950 година.