„Во однос на разговорите во Комисијата, во моментов тие се далеку од историскиот период на кој припаѓа Ванчо Михајлов. Оној ден, кога ќе дојде и доколку дојде да разговараме за претставите на оваа личност во учебниците по историја, тогаш тоа ќе биде дел од дискусијата за негативната улога на одредени личности соработници на фашистичката коалиција и потребата да се претстават нивните негативни постапки “, вели во Петар Тодоров во интервју за веб порталот Трилинг.
Членот на заедничката македонско-бугарска Комисија за историски и образовни прашања оценува дека националното чувство се зачувува не само преку постапки на институциите кои се грижат за достоинството на секој од народите кои живеат во Македонија, туку и преку индивидуалните постапки и однесувања на секој оној кој припаѓа на одреден народ за која станува збор.
„Научното достоинство се гради и зачувува преку критички пристап кон состојбите во општеството и нивно постојано преиспитување и секако преку отворено кажување на ставовите и погледите врз научни принципи, а не нивно прилагодување на дневнополитички потреби” одговара Петар Тодоров, истражувач во Институтот за национална историја.
Трилинг: „Македонската нација и македонскиот јазик не постојат. Тие се измислици на српските фантасти“, ќе напише Ванчо Михајлов во писмото што ќе го испрати „до сите браќа и сестри во Пиринска Македонија“. Дали „ванчо-михајловистичкиот викенд” во Битола и Охрид беше опипување на пулсот на бугарските власти за спремностa на македонската страна до каде би била подготвена на компромис или се работеше за смислена провокација?
Тодоров: Очигледно е дека станува збор за провокација која и штети на посакуваните добри односи помеѓу двете држави и помеѓу македонскиот и бугарскиот народ. Доколку сте потпишале договор за добрососедство и постојано истакнувате дека сакате добри односи, тогаш тоа треба да се покаже на дело, а не да се промовираат клубови кои носат имиња на личности кои поради нивните постапки и дејствувања во периодот пред и во текот на Втората светска војна припаѓале на погрешната страна во историјата и отворено го негирале македонскиот идентитет и култура.
Трилинг: „Нашите владетели јавно не знаат каде одат, а можеби не ја знаат доволно ни улогата на Ванчо Михајлов пред чие име се сликаа. Кај нас ги покажаа само оние плакати на кои што се обвинуваат Бугарите дека им се крвави рацете“, оцени деновиве професорот по културна антропологија на Софискиот универзитет, Ивајло Дичев. Може ли да се очекува Бугарија да побара и во „механизмот“ на историската комисија која се обидува да ги усогласи позициите меѓу двете страни во разговорите да се постави прашањето и за Ванчо Михајлов и како Комисијата би одговорила на еден ваков „предизвик“?
Тодоров: Прво, Комисијата не усогласува позиции, туку дава препораки како да се подобри историското образование со цел да не поттикнува поделби и негативни претстави за Другиот. Ние не утврдуваме историски вистини и не решаваме историографски дебати и прашања. Во однос на разговорите во Комисијата, во моментов тие се далеку од историскиот период на кој припаѓа Ванчо Михајлов. Оној ден, кога ќе дојде и доколку дојде да разговараме за претставите на оваа личност во учебниците по историја, тогаш тоа ќе биде дел од дискусијата за негативната улога на одредени личности соработници на фашистичката коалиција и потребата да се претстават нивните негативни постапки и дејствувања во минатото кои довеле до страшни последици за историјата на човештвото, па дури и за историјата на македонскиот и бугарскиот народ.
Трилинг: Што всушност сака нашиот сосед од нас како држава? За што сме пoдоготвени да се договориме ,а за што не постои простор за дијалог?
Тодоров: Многу е тешко да се одговори на ова прашање. Можеби политичарите најдобро би одговориле на ова прашање, бидејќи тие преговараат со нивните колеги од Софија за политичко решение на проблемот со кој се соочуваат двете држави. Она што е очигледно и што многу чинители во македонското општество го истакнуваат овие денови е дека, доколку Република Бугарија искрено посакува добри односи и пријателство мора да го промени својот пристап и да покаже поголемо почитување кон Македонците и нивниот идентитет.
Во однос на Комисијата, нашиот пристап е да дадеме препораки до соодветните институции на двете држави со кои мислиме дека може да се подобри историското образование со цел да не поттикнува поделби и негативни претстави за Другиот.
Трилинг: Дали по Ванчо Михајлов, и други духови ќе се разбрануваат над РСМ? Под наслов „Ќерката на цар Самуил предизвика дипломатска активност по посетата на Пендаровски во Црна Гора“, весникот „24 часа“ потсетува дека пред неколку дена на церемонија во пристанишниот град Бар, Пендаровски врачил спомен-плоча на Косара и Владимир, која според неговите зборови на Твитер ја покажува „силната симболика на добрите односи и културно-историската врска меѓу Северна Македонија и Црна Гора“.
Тодоров: Не би можел да предвидам што ќе се случува во иднината.
Трилинг: Можеме ли големата идеја за европска Македонија да ја жртвуваме со прекин на преговорите во историската комисија, со нова стратегија за преговорите со Софија и што под неа се подразбира? Како да се сочува националното, но и научно достоинство?
Тодоров: Прво, во Комисијата не водиме преговори, туку разговори. Политичарите преговараат, ние дискутираме, разговараме врз академски и научни принципи. Во однос на првиот дел од прашањето, не ми е јасно за која нова стратегија во преговорите мислите, но она што треба да биде јасно е дека европската иднина на Македонија не смее да зависи од работата на историската комисија. Не може европските вредности, како демократијата, човековите права, квалитетно образование, високите еколошки стандарди, економскиот развој и слично да бидат поважни од работата на една комисија за историски и образовни прашања.
Во однос на вториот дел од прашањето, националното чувство се зачувува не само преку постапки на институциите кои се грижат за достоинството на секој од народите кои живеат во Македонија, туку и преку индивидуалните постапки и однесувања на секој оној кој припаѓа на одреден народ за која станува збор. Научното достоинство се гради и зачувува преку критички пристап кон состојбите во општеството и нивно постојано преиспитување и секако преку отворено кажување на ставовите и погледите врз научни принципи, а не нивно прилагодување на дневнополитички потреби.
Трилинг: Во едно интервју велите „Заедничка историја не значи „еден народ, две држави“. Со Бугарија имаме заедничка, споделена, или испреплетена историја?
Тодоров: Сеедно е кој термин ќе го употребиме. Важно е како го разбираме тој термин. За нас терминот заедничка историја е еден од термините кои денес историографијата ги користи за да објасни одредени процеси во минатото, поточно дека нема историја која не е заедничка, споделена и/или испреплетена. Сите народи денес споделуваат исти историски личности или историски процеси и формации.