Мицкоски ги прати Влатко и Бесар да ги проверат цените за новогодишната кошничка
Нагласи дека не се работи за интервентна мерка на Владата и со ограничување на цените, туку за консензуално решение поради што нема да има казнување, туку ќе има мониторинг дали на тие производи ќе бидат залепени налепниците за да бидат видливи за граѓаните.
Новогодишната кошничка ќе опфаќа повеќе од 600 производи и ќе трае од 15 декември до 15 јануари,а со неа се очекува намалување на цените на производите за 10 и повеќе проценти.
Листата на производи, како што кажа денеска премиерот Христијан Мицкоски, е договорена заедно со стопанските комори, синдикатите, производителите и дистрибутерите.
– Направивме нешто што можеби досега никогаш не е направено – сите заедно разговаравме извесен период и за време на тие разговори дојдовме до компромис. Сите се согласивме во периодот од 15 декември до 15 јануари цените на повеќе од 600 артикли да бидат намалени и брендирани со налепници на кои ќе пишува „Помалку трошоци, повеќе за тебе, се грижиме“, рече Мицкоски на денешната прес-конференција.
На новинарско прашање дали има основ да се казнат трговците ако изминативе десетина дена ги качиле цените, министерот за економија Бесар Дурмиши рече дека го провери Законот за тоа кои се надлежностите на Државниот пазарен инспекторат.
– Само тоа знам дека ова не е владина одлука туку цените се понудени од трговците. Тоа ќе го гледаме во рамки на Законот кадешто точно е напишано кои се надлежностите на Државниот пазарен инспекторат ќе го разгледаме и ќе ве известиме. На сите тие производи кои ни понудија трговците и производителите значи имаме над 675 производи на сите тие 10 проценти ќе се намали цената и повеќе. На крајот кога ќе заврши оваа акција, ќе ги разгледаме податоците и ќе ве известиме колку ќе биде намалена, односно колку ќе биде заштитата на животниот стандард на граѓаните.
Се уфрли и премиерот кој сакаше веднаш да интервенира:
– Мислам дека е доста интересно прашањево и добра е забелешкава, и мислам Влатко (Стојкоски новиот директор на ДПИ од крајот на октомври, кој седеше во првиот ред на прес-конференцијата) дека ти треба со пазарниот инспекторат уште од сега да излезеш, да видиш какви се цените, какви беа пред некој ден и да видиме колку ќе ги намалат, за да не дојде до шпекулирање. Ако била една цена на еден производ 10 парички, па сега се качи на 12, па вратат назад на 10, во суштина ништо не направиле. Така што, Бесар, мислам дека заедно со Влатко, треба оваа работа да се констатира и мислам дека е на место и одлично е ова прашање и дилемата – поентираше Мицкоски.
Нагласи дека не се работи за интервентна мерка на Владата и со ограничување на цените, туку за консензуално решение поради што нема да има казнување, туку ќе има мониторинг дали на тие производи ќе бидат залепени налепниците за да бидат видливи за граѓаните.
Извор: Независен