Политиката на Мицкоски води кон соседско вето

Грчката пратеничка од редовите на СИРИЗА Ирини (Рена) Дуру побара од грчката влада и раководството на Министерството за надворешни работи да стават вето на процесот на пристапување на Северна Македонија во ЕУ, објавија грчките весници.

Грчката пратеничка од редовите на СИРИЗА Ирини (Рена) Дуру побара од грчката влада и раководството на Министерството за надворешни работи да стават вето на процесот на пристапување на Северна Македонија во ЕУ, објавија грчките весници.

Шефицата на секторот за надворешна политика на СИРИЗА за време на нејзината воведна изјава на заедничкиот состанок на комисиите за европски прашања, национална одбрана и надворешни работи на кој заменик-министерката за надворешни работи Александра Пападопулу ги информира пратениците за политиката на проширување на ЕУ рече дека „пристапниот процес на Северна Македонија во ЕУ јасно минува низ строго почитување на Договорот од Преспа и почитување на неговите одредби. Бидејќи владата на Северна Македонија не го почитува Договорот од Преспа, треба да се соочи со своите одговорности, а тоа е блокирањето на пристапниот процес. Тоа го предвидува и Договорот“.

Дуру тврдеше дека за договорот е одговорна ВМРО, но и грчката влада која, како што рече , „сите овие години се однесуваше како договорот да не постои и не се грижеше да ги заштити нашите интереси главно на билатерално ниво. За жал, господинот Мицотакис, заедно со господинот Самарас, кого неодамна се сети да го избрише, се преправаше дека е македонскиот борец и нè напушташе затоа што сме инфериорни“

„Во сегашните околности, СИРИЗА-ПС смета дека владата треба да го искористи правото на вето и да не се крие зад бугарското вето, барајќи непоколебливо почитување на Договорот од Преспа од Северна Македонија“, истакна Дуру.

На почетокот на годинава пратеничката Дуру го повикуваше грчкиот премиер Мицотакис во парламентот да ги донесе на Ратификација трите меморандуми за соработка меѓу Грција и Северна Македонија, кои се дел од Преспанскиот договор.

Таа во февруари годинава ја критикуваше грчката влада дека не го контролира и следи спроведувањето на Договорот од Преспа како што треба.

-Меѓу другото, нема обезбедено промена на учебниците во Северна Македонија како што е договорено на билатерално ниво од јуни 2019 година, но и почитување на распоредот за промена на патните исправи и табличките на автомобилите до 12 февруари 2024 година. Резултатот од сето ова, во комбинација со 4 години несвикување на Врховниот совет за соработка (како што е предвидено со Договорот од Преспа) и непотпишувањето нови билатерални договори, остава простор за непочитување на Договорот и поткопување на одбранбената, дипломатската и економската соработка со Северна Македонија, со што се зголемува просторот за зајакнување на улогата на третите сили на нашите северни граници, реагираше тогаш Дуру до грчкиот министер за надворешни работи Јоргос Герапетритис.

Грчката влада тврдеше дека доставувањето на трите меморандуми со Македонија за ратификација во грчкиот Парламент „апсолутно зависат од верното и строго почитување на одредбите на Договорот од Преспа“.

Трите потпишани меморандуми меѓу двете земји кои со години чекаат ратификација во грчкиот парламент се: Меморандумот за забрзување на процесот на интеграција на Северна Македонија во ЕУ; Меморандум за формирање на Координативен комитет за економска соработка и Техничка спогодба за надгледување на Радарот за воздухопловни операции (FIR) Скопје.

СИРИЗА и во мај безуспешно ја повика грчката влада да ги донесе на ратификација трите меморандуми со Македонија.

Извор: Слободен Печат / Марина Дамческа