МАНУ ја поздрави намерата на Владата да ја вклучи Академијата во креирање долгорочни политики

Најавата од Владата за вклучување на МАНУ во изработка на сеопфатен проект од кој ќе произлезат приоритетни документи за развој на државата до 2050 година, за претседателот на Академијата, Живко Попов, значи поддршка, валоризирање и искористување на кадровскиот капацитет и советодавна улога на Академијата во креирањето на политиките на државата за клучни општествени прашања од национално значење.

Најавата од Владата за вклучување на МАНУ во изработка на сеопфатен проект од кој ќе произлезат приоритетни документи за развој на државата до 2050 година, за претседателот на Академијата, Живко Попов, значи поддршка, валоризирање и искористување на кадровскиот капацитет и советодавна улога на Академијата во креирањето на политиките на државата за клучни општествени прашања од национално значење.

-Намерата за ревитализирање на конекцијата меѓу МАНУ и врвот на државата заслужува посебно внимание во услови на сѐ позабележливо отсуство на основните вредносни параметри врз кои се гради општествениот систем. Оттука, во оваа пригода, во мое и во име на МАНУ особено би сакал да упатам срдечна благодарност до претседателот на Владата на Република Македонија Христијан Мицкоски, за безрезервната поддршка на Академијата, рече Попов во обраќањето по повод Денот на МАНУ.

Потсети и на Националната развојна стратегија на земјава за периодот 2024-2044,  усвоена со консензус во Собранието, на која, рече, напорно се работело во изминатите неколку години, а во нејзината подготовка МАНУ соработувала со домашни и меѓународни институции.

-МАНУ е клучна институција којашто во иднина ќе го следи процесот на имплементација на Стратегијата. По најавата на премиерот Мицкоски за потребата од поголемо вклучување на МАНУ во изработка на визијата за долгорочен развој на земјата, МАНУ е во фаза кога, во соработка со Владата, поконкретно ќе ги дефинира обврските на Академијата во реализацијата на Стратегијата и во евентуалното нејзино надополнување со развојните трендови до 2050 година, додаде Попов.

Посочи дека посебно внимание ќе се посвети на најзначајните приоритетни прашања кои се од посебно значење за долгорочниот развој на земјата, а особено, како што рече, „многубројните проблеми во образованието и науката, каде би се дефинирале потребите на државата од научно-истражувачки центри и лаборатории во различни научни сфери, при што би се финансирале пред се научно-истражувачки програми и проекти поврзани со развојот на Македонија“.

-Понатаму тука се и демографските предизвици, комплексните проблеми во сферата на владеењето на правото и реформите во правосудниот систем, реформите во здравствениот и пензискиот систем, земјоделскиот, технолошкиот развој, енергетскиот и транспортниот развој, развојот на културата и уметноста итн, рече претседателот на МАНУ, додавајќи дека тоа претставува амбициозна програма за работењето на МАНУ, во соработка со универзитетите, научните институти и другите научни институции.

Во обраќањето посветено на Денот на МАНУ и одбележување 57 години од нејзиното формирање, Попов кажа и дека од почетокот на мандатот на актуелното раководство, во јануари годинава, имале „тежок и комплексен период“ во работењето.  Претседателството било соочено „со предизвикот да го решава наследениот повеќедецениски горлив проблем во врска со ниските и неусогласени плати на вработените во МАНУ“. Тоа резултирало со реактивирање на штрајкот на Синдикалната организација при МАНУ во времетраење од речиси два месеца, што, рече, „значително го отежна институционалното работење на Академијата“.

-Со максимална рационализација на своите институционални потреби во текот на 2024 година, преку пренамена на средства од други расходни ставки, Академијата, со прифатлива солуција од расположливите правни механизми, ја доуреди методологијата за пресметка на плата, нивелирајќи ги платите на вработените во МАНУ со платите на вработените во сите високообразовни и научни установи, иако тековно како привремено решение, но перспективно, до донесувањето на единствено прифатливото законско и системско решение, соопшти Попов.

Во оваа пригода тој се осврна и на  реализацијата на програмските активности на МАНУ во тековната година кои, како што рече, опсежно ќе бидат сумирани на Редовното годишно собрание на МАНУ што ќе се одржи на крајот на февруари 2025 година.

Актуелниот притисок за формирање моноетничка албанска академија е нерационален и неоснован

-Во Македонија, како и во сите унитарни земји од регионот и насекаде во светот, постои само една национална академија која ја претставува државата во европската и во други меѓународни асоцијации на академии, па оттука актуелниот притисок за формирање на моноетничка албанска академија е нерационален и неоснован. Но, согласно практиката во други држави, може да се формираат научно-уметнички друштва како граѓански здруженија, или академии во рамките на професионалните асоцијации од одредени области, рече Попов во обраќањето.

Во однос на зачленувањето во МАНУ, посочи дека има „јасно утврдени квалитативни и квантитативни универзално признати критериуми за оценување на потенцијалните кандидати за членство во МАНУ“ и дека Академијата „секогаш била отворена за сите граѓани кои ги исполнуваат високите научни и уметнички критериуми за членство во неа, без оглед на нивната етничка, верска и каква било друга припадност“.

-За политичките партии и за нивните влијанија никогаш немало место во Академијата, зашто таа се води единствено по принципите на мериторност и препознатливост како универзални вредности на дострелите и творбите во научната и уметничката сфера. Друг пристап во критериумите за вреднување на индивидуалниот труд и достигнување, во аналите на МАНУ, досега не е познат, истакна Попов, додавајќи дека од нејзиното основање до денес, членови во Академијата биле припадници на македонскиот народ, но и на други етнички заедници.

Она што е карактеристично за нашата мултиетничка академија, рече претседателот на МАНУ,  „е фактот дека во неа кандидатите за членство и академиците никогаш не се прашувале да се изјаснат за нивната етничка припадност и имало дури периоди кога академиците Македонци не биле мнозинство во институцијата“.

Попов смета дека „се неосновани и ставовите од поедини политички и интелектуални кругови“ дека професорите и интелектуалците од албанската етничка припадност нема каде да вршат научни истражувања, затоа што тоа, како што рече, може да го прават на трите државни универзитети каде наставата се одвива и на албански јазик. Пред се на државниот научен Институт за зачувување на духовното и културно наследство на Албанците во Скопје, за кој посочи дека има сопствен буџет и околу сто вработени, исто како и во МАНУ.

-Впрочем и членовите на МАНУ поголемиот дел од истражувањата ги прават на УКИМ и другите државни универзитети и научни институти, а не само во самата академија. Овие факти јасно укажуваат дека во академиските редови нема место за политикантство и за манипулација, рече академикот.

Во однос на употреба на јазиците во науката, рече дека таа „нема и не признава етнички предзнак“, а за Законот за употреба на јазиците на сите етнички заедници во државава смета дека треба да се доуреди и допрецизира.

-Никој во Академијата, вклучувајќи ме и мене, не смета дека употребата на албанскиот и на јазиците на останатите немнозински заедници во државата, како придобивка од Охридскиот рамковен договор и уставна категорија треба да се укине, туку напротив, таа треба во законското решение да се доуреди и допрецизира во одредени области, со цел да се подобри нејзината применливост. Тоа особено се однесува на функционирањето на правосудниот систем, работата на полицијата, армијата, потоа на здравствениот систем и друго, каде со оглед на деликатноста и одговорноста на она што е предмет на работа, нужна е употребата на еден општ јазик за разбирање, рече Попов.

Смета дека перманентното преведување и пишување разни извештаи, оперативни планови и протоколи на два или повеќе јазика со судски превод, значително ќе го оптовари професионалното работење и ќе ги зголеми финансиските трошоци во овие и други, како што рече, „сензибилни области на општественото живеење“.

-За сето ова да се избегне ќе биде потребно усогласување и допрецизирање на законското решение во однос на овие и други работи и вградување на сугестиите и барањата на Венецијанската комисија, чијшто филтер треба да го помине. Тоа, впрочем, е и наша обврска како држава, не само во однос на овој, но и на други закони на кои ќе наидеме на патот на нашето членство во Европската Унија, рече претседателот ан МАНУ.