Вајц: Барањето за одложени уставни измени нема да пројде
Известувачот за Македонија во новиот Европски парламент, Австриецот Томас Вајц, смета дека барањето за одложена примена на уставните промени не може да добие поддршка во Европската унија. Зборувајќи денес со новинари од Македонија Вајц го спореди барањето со купување на автомобил за кој ќе дадете пари сега, а треба да го земете по некоја година.
Известувачот за Македонија во новиот Европски парламент, Австриецот Томас Вајц, смета дека барањето за одложена примена на уставните промени не може да добие поддршка во Европската унија. Зборувајќи денес со новинари од Македонија Вајц го спореди барањето со купување на автомобил за кој ќе дадете пари сега, а треба да го земете по некоја година, јавува Независен.
„Не верувам дека тоа може да пројде. Но, мораме да имаме легална потврда дека кога ќе се изгласаат уставните измени, нема да има нови барања од Бугарија, за што треба да се најде креативно решение“, рече тој гледајќи лично излез во иницијативата да се смени принципот на едногласност при гласањето за секое отворање и затворање поглавје и ветото да важи само на почетокот и на крајот.
Запрашан каде е тогаш решението за блокадата на Македонија ако нема шанси за одложената примена на уставните измени и дали тоа се бара во обврските околу Протоколот со Бугарија или обврските околу Историската комисија, Вајц рече дека искрено нема краен одговор на тоа прашање, но дека како ЕУ мора да ги најдат тие гаранции, а бидејќи Европската комисија штотуку е избрана, треба време да се види во кој правец ќе се бара решението.
Како и да е, тој ги опиша како некој вид политичка шизофренија барањата на Бугарија околу Македонија, оценувајќи дека е за жалење да се користат билатерални историски, идентитетски и слични прашања за да се блокира нечија евроинтеграција. Според него, другите земји членки не биле воодушевени како Бугарија го користела процесот и врз неа вршеле притисок, лично оценувајќи дека ваквото однесување е резултат на популизмот и водењето кампања во Софија кој е најголем патриот, т.е. националист.
Тој беше категоричен дека мора да се најде решение, а што политичките елити во Бугарија ќе им кажат на граѓаните откако ги издигнаа на највисоко ниво идентитетските и историски прашања, е нивен проблем. За новата влада пак во Македонија тој сметаше дека има желба да продолжи со преговорите , наспроти предизборната реторика која била не била во прилог на тоа и на европските вредности.
„Политичката реалност е дека на оваа влада и фалат два гласа за да ги изгласа уставните измени. Гледам индиции дека сакаат да го направат тоа ако има гаранции дека натаму во процесот нема да има нови блокади од Бугарија. На тоа треба да работиме бидејќи сите сме во исто лимбо во моментов“, рече категорично Вајц.
Според она што го презентираше, во Европскиот парламент има мнозинство за да се смени новата методологија за водење на преговорите што ја наметна Емануел Макрон, односно да се тргне можноста за вето од земјите членки во текот на процесот на преговарање. Но, ЕП нема мандат да покрене тоа прашање и зависи од ЕК, која пак треба да најде начин како да се протне измената со квалификувано гласање, а не со едногласност. Дали ќе се успее не беше сигурен, но оцени дека веќе премногу често се користат билатералните прашања за уцени на кандидатите и дека ургентно е потребно да се промени тоа. Притоа го наведе примерот со заканите на Грција кон Албанија по апсењето на градоначалникот од Химера прашувајќи – кој е тука националниот интерес на Грција воопшто? Па, порача дека овој пример е и полош од бугарската блокада на Македонија.
Запрашан дали верува дека нашата влада навистина е посветена на започнувањето на преговорите и членството во ЕУ, тој одговори дека ако вади заклуок според изборната кампања би рекол не, но по средбите што ги имаше во Македонија верува дека сакаат да продолжат со преговорите со ЕУ. Дали се преправаат? „Можеби, но сега не знам“, рече Вајц, но даде споредба со Италија и кампањата на Џорџа Мелони која ветувала дури и напуштање на еврото, а брзо откако беше избрана ја заборави таа идеја.
Тој беше сигурен дека Албанија и Македонија ќе останат одвоени во процесот бидејќи се напредува според постигнувањата, но порача дека Македонија е многу понапредна во моментов во имплементацијата на европската регулатива и дека има добри предуслови да се движи брзо во преговорите ако го реши спорот. Според него, клучна е поддршката што ја има или ја нема владата, потсетувајќи дека претходната влада беше силно проевропска, но не можеше да испорача, а оваа не се гледа така, но има голема поиддршка од јавноста и може да носи одлуки. Како објективен проблем тој го посочи немањето политичка влада во Бугарија и фактот дека од едни одат на други избори.
Тешки квалификации за ветото на Бугарија не штедеше и германскиот европарламентарец Мајкл Галер од Евроипските народни партии, кој ја стави оваа земја во категоријата „непријателски соседи“.
„Предолго сте заглавени во ЕУ поради непријателските соседи. Бугарското вето нема ништо со европската регулатива , но тоа е, што е. Знам како се чувствувате: Сега пак вето од Бугарија, кое е следното? Но треба да бидете прагматични бидејќи имате толку малцинства во уставот“, порача тој практично пирачувајќи дека треба да се изгласаат уставните измени заради повисоката цел. Тој ги повика сите политички актери во Македонија да направат тоа што е неопходно бидејќи нема земја членка на ЕУ во која во моментов на граѓаните им е полошо отколку пред да станат тоа.
„Многу е подобро за вашата историја, за вашиот јазик, за вашата економија кога сте внатре во Унијата“, порача европарламентарецот. „Кога националните митови се инструментализираат против соседите тие стануваат токсични“, рече тој околу политиката на Бугарија, гледајќи го решението и во повикувањето на властите во Софија да покажат повеќе разумност.
Тој наедно потврди дека позади сцената има движења и дека уште многу нема да бидеме заглавени. Според него има иницијатива од Франција и од Германија за деблокада на преговорите на Макеоднија , но не знаеше конкретни детали околу неа. На крајот тој посоветува да не расправаме дали бугарската блокада е правилна или не туку да бидеме прагматични за да ја постигнеме повисоката цел, практично опстојувајќи на барањето да се остварат уставните измени. Според него прашањето ќе биде ставено на маса пред Бугарија и ќе се каже дека ние сме подготвени да направиме чекор ако и тие направат исчекор.
Извор: Независен