(Видео) Димовски: Уставни промени без одложено дејство се невозможни, а што е возможно ќе видиме
- Треба да видиме дали е реално сценариото за одложено дејство на уставните измени. Не можам да кажам затоа што ги немам во детали информациите. Не сум вклучен во она што значи дипломатија позади сцената. Но, според Димовски „уставни промени без одложено дејство се невозможни, а што е возможно ќе видиме“.
14 години беше пратеник, коориднатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, директор на Центарот за комуникации.
Гостин во магазинот „Трилинг“ беше Илија Димовски.
„Конципирањето на политиката секогаш има две нивоа. Првото ниво е кадровското, второт ниво е политичкото. Јас сум исклучително задоволен од односот на мојата партија спрема мене, од аспект на тоа што имам простор, да дејствувам во второто, во делот на креирање на политиките. Јас бев еден од посериозните креатори на партиската програма за овие избори. Исто така учествував и во конципирање на стратегијата за претходните локални избори.
-Присутен сум на скоро сите партиски форуми каде што се одлучува, каде што се разговара околу тие прашања и апсолутно, од тој аспект сум задоволен од третманот и односот на партијата која шпто го има спрема мене. Во делот на кадровското позиционирање воопшто не сум оптеретен, мислам дека треба да се даде простор и други луѓе во партијата да покажат дали знаат, дали можат, дали имаат капацитет, колку ќе бидат креативни, иновативни“, вели Димовски за „Трилинг“ на прашањето дали од моќен во времето на Груевски сега е маргиналец во мандатот на Мицкоски, како и дали го подготуваат за амбасадор или пак за некоја нова висока функција, имајќи предвид дека дел од неговите колеги завршија како Национални координатори, додека дел се подготвуваат за останати високи позиции.
„ВМРО-ДПМНЕ има свој континуитет. Одредени луѓе во одредени периоди од функционирањето на партијата се на раководни функции во самата партија, но поголемиот број од луѓето коишто ги гледате и денеска на сцена се членови на ВМРО-ДПМНЕ пред Никола Груевски да е раководство на партијата. Така што во тој дел, континуитетот на ВМРО-ДПМНЕ, континуитетот на базичните политики, базичната идеологија, центар-десната идеологија, и во делот на економијата, во односот кон националните прашања, градење на добро образование, градење на солиден здравствен систем, прозападната ориентација, про-НАТО, про-ЕУ е ист.
-Тоа се постулати на целата политика на ВМРО-ДПМНЕ, потврдувани повеќе пати на конгресите на ВМРО-ДПМНЕ низ разни документи, некогаш тоа се доктрини, некогаш се програмски постулати, но ако погледнете наназад со децении тоа се базичните постулати, Така што континуитетот на ВМРО-ДПМНЕ треба да се гледа низ призмата на тие идеолошко-политички правци на партијата.
– Во нашето општество секогаш има една дилема, во коешто сега за сега сѐ уште сме на линијата дајте нови луѓе. Ние неколку пати во минатите 30 години, 5-6 пати ни се случи, цели генерации на политичари да деташираме. Да се варам назад – Душко Кадиевски, Љубен Пауновски, Илинка Митрева, Никола Ќуркчиев, намерно спомнувам од двете страни, некои од нив се починати, биле инзвонредни ликови во политичкиот живот во Македонија коишто прерано сме ги тргнале од политичкиот живот, а немале афери, биле интелектуално способни, имале капацитет. Така што треба да гледаме некако да го вратиме дискурсот дека во политиката ни треба нова енергија, но и ни треба искуство и знаење, вели Димовски.
Околу колумната со наслов „Мицковизмот е новата ера на режим“ на новинарот и колумнист Ерол Ризаов каде тој вели дека Македонија длабоко загазува во нова ера на уривање на и онака малкуте макотрпно стекнати демократски придобивки од осамостојувањето на државата до денес и дека многу бргу ќе излезе на виделина „Груевизмот“ во ново руво со добри изгледи да биде надмината „страховладата“ на Никола Груевски, затскриен зад примитивен популизам во наводна одбрана на националните интереси се демонтира македонското општество во еднопартиски диктат, полош и од времето на „едноумие“, Димовски со став дека ваквите креатори на политичкиот правец на СДСМ ја донесоа партијата таму каде што е денес.
-Мислам дека перцепцијата е изместена и се базира можеби повеќе заради резултатите од последните избори. Инаку прерано е да се даваат такви епитети. Нема никаков симболичен сигнал дека нешатата одат во тој правец. Ниту има некаков ригиден закон за медиуми, ниту има било каков негативен однос спрема медиуми, напротив, премиерот е според мој вкус пречесто на екраните, додава Димовски.
Говорејќи околу претходно дадените најави за поништување на Преспанскиот договор, за репреговарање со Бугарија, за декласифицирање на договорот со „Бехтел и Енка“, Димовски со став:
„Околу делот со бугарскиот проблем што го имаме, мислам дека доколку не се репреговараше, досега ќе беше заклучено прашањето и ќе влезевме во некој процес којшто ќе значеше внесување на Бугарите во Уставот. Тоа не го гледаме. Гледаме дека има интензивни средби и комуникација на Владата на премиерот, на претседателката на државата, околу проблемот којшто го имаме со Бугарија и гледаме исклучително висок степен на интерес на меѓународната заедница околу нашите позиции виз – а – ви она што претходната Влада го договори. Тоа значи дека нешто се случува. Не можеме да кажеме дека Владата или државата го сменила односот од она кога биле во опозиција.
– Треба да видиме дали е реално сценариото за одложено дејство на уставните измени. Не можам да кажам затоа што ги немам во детали информациите. Не сум вклучен во она што значи дипломатија позади сцената. Ние имаме комплексна ситуација во односите со нашите соседи. Пред се тука мислам на Бугарија и на Грција. Од една страна приоритетно за државата е да изгради што е можно подобри односи со овие два соседи коишто се членки на ЕУ, коишто треба да бидат некаков стабилизирачки гарантор за целиот регион, коишто економски се посилни од нас, коишто треба да бидат некаков иницијатор за позабрзан економски развој кај нас. Од тој аспект мислам дека нашата држава треба да го гледа билатерален како мултилатерален. Ние немаме проблем со Бугарија или со Грција. Ние имаме проблем на признавање на постоењето и континуитетот на македонскиот народ. Тука е проблемот и со Преспанскиот договор. Тој погледнат низ грчката призма не е промената на името туку членот 7, каде што се дефинира и поделува македонскиот идентитет на два сосема различни идентитети – еден Хеленомакедонизам, еден Славјаномакедонизам. Тоа е амбицијата на грчката Република.
– И бугарската држава ја има истата таа амбиција, да искреира Бугаромакедонизам и нов Постмакедонизам кој. Ние треба да докажеме дека Македонизмот во едната, другата, третата, па ако сакате и во четвртата верзија со македонците – муслимани ии помаците, дека имаат свој корен, своја суштина, ист фолклор, ист јазик, обичаи, песни, херои низ историјата итн. Ние треба да се обидеме она што го прават како дезинтегративен процес спрема Македонскиот народ, некриејќи ги компонентите македонски во својата национална структура и Грција и Бугарија, ние да го искористиме во обратен процес и да создадеме мостови, да ги отвориме границите, да соработуваме на сите полиња.
– Преспанскиот договор е историска неправда спрема Македонскиот народ. Државата треба да има прагматичен и политички динамизиран однос кон Преспанскиот договор, којшто е адекватен на периодот во којшто се наоѓа државата – односите со ЕУ, со стратешките партнери итн. Но треба да не ја испуштаме позицијата во која што ќе велиме дека Преспанскиот договор е неправда спрема Македонскиот народ и Македонскиот народ има право на долга, средна или кратка перспектива да се бори против последиците од тој Преспански договор.
Според Димовски „уставни промени без одложено дејство се невозможни, а што е возможно ќе видиме“.
Целиот разговор со Илија Димовски погледнете го во видеото: