(Видео) Проф. Петрески: Откажување од популизмот – само структурни реформи за фискална консолидација
Петрески вели дека ние генерално генерираме буџетски дефицити, коишто од една страна се над потенцијалот за раст и тоа навистина не втурнува во една замка на задолженост.
Владата и банките во клинч – колкави се банкарските трошоци за распределба на унгарскиот кредит за фирмите во Македонија. Дали владата ќе ги субвенционира? Надворешниот долг и дефицит растат со неизвесност за одржливоста на јавните финансии.
„Во последните три месеци мислам дека главна тема е унгарскиот кредит и веќе оваа дискусија исклучиво е на техничко ниво, односно денеска ние разговараме за само еден мал сегмент, а тоа се какви ќе бидат условите на кредитот, но поголемата слика за тоа која ќе биде намената на овие средства, некако останува недоволно дискутирана и истовремено постои недостиг на информации како и соодветни анализи“, изјави за магазинот „Трилинг“, проф. Благица Петрески, извршен директор на „Фајнанс Тинк“.
-Ова не се банкарски кредити помеѓу една компанија и една банка, ова се банкарски кредити чија нивна цел е да поттикнат инвестициски циклус и се наменети за производни компании. Но каков ќе биде импактот, затоа што крајната цел е да се поттикне вкупниот домашен прозивод, во голема мера ќе зависи од кого ние таргетираме. Дали ние таргетираме комплетно нови инвестициски циклуси, нови инвестиции или сепак ќе биде тоа и за инвестиции коишто биле во план и коишто секако ќе се случеле без разлика дали ќе бидат кредитите или не.. Ова е многу значајно и за вкупниот ефект, и за БДП-то и врз извозот. Дополнително, многу е значајно кој тип на компании ќе бидат, во кои сектори ќе бидат тие компании. Дали ќе се води сметка за рамномерниот регионален развој и да имаат пристап и оние компании кои можеби се поризични или немаат доволно можност да доспеат до овие кредити. Дали ќе биде скапа или не, тоа се пазарни услови. Она што за некого се чини скапо, за друг е евтино и обратно, вели Петрески.
Околу поделените мислења во јавноста дека Владата се меша во кредитните политики на банките и врши политички притисок врз нив, а од друга страна пак Владата порачува дека можеби е добро банките да демонстрираат поголема општествена одговорност, Петрески со став дека од страната на Владата легитимно е дека Владата е таа која ги зема средствата од даночните обврзници во име на компаниите и легитимно е да бара одредени услови, затоа што Владата е таа која ја плаќа крајната каматна стапка.
„Но, истовремено, сметам дека грешката која се прави во тоа што Владата влегува во преговори со банкарскиот сектор на ниво на здружение, а не на ниво на индивидуални банки, затоа што сепак и помеѓубанките веројатно треба да се применат тие пазарни механизми и таа профитна логика. Ако за една банка одредени услови не функционираат, веројатно за друга банка таквите услови би функционирале и на страната на Владата легитимно е да, земјаќи предвид дека тоа се пари од даночните обврзници, бара тие услови да бидат што поповолни.
– Но од друга страна, исто така, легитимно е да бараме одредена солидарност, но треба да знаеме дека и банкарскиот сектор е ентитет којшто е профитноориентиран и нивната крајна цел е да го максимизираат профитот. Сметам дека не треба да биде многу надежно дека банкарскиот сектор треба да премине во улога на солидарност. Сепак треба да води сметка и за покривање на своите трошоци, но и за ризиците коишто ги презема“, смета Петрески.
„Во моментов просечната каматна стапка на кредитите е 4,9%, што е значајно над оваа стапка за којашто дискутираме- било тоа да е 3,25‚ или нешто под ова. Веројатно кај еден дел од компаниите коишто се бонитетни, кои имаат добар кредитен рејтинг и слично, имаат и можат да користат кредитни линии кои се под оваа стапка, меѓутоа за поголемиот дел од компаниите, верувам дека оваа каматна стапка е значајно поволна и истата треба да ги стимулира. Јас понатаму би се фокусирала на тоа да имаме добар таргет кон оние компании кои досега не би можеле да реализираат одреден инвестиција, а овој тип на кредити ќе им помогне за реализација на нивните инвестициски планови.
-Тука останува отворено и понатаму прашањето каква е формата на таа инвестиција. Викаме производни компании, но кој е секторот, за која намена ќе бидат, ќе бидат за целосно нови кредитни линии или за нова технологија, вели Петрески.
На прашањето околу тоа дека за идната година проекцииите се раст на БДП од 3,7%, раст на буџетските приходи од 12,8 проценти, и капиталните расходи на ниво од над 800 милиони евра, плус и тоа дека унгарската милијарда нагло ќе го зголеми и надворешното задолжување и како ќе се отплаќаат долговите ако имаме перманентен дефицит и пораст на БОП под каматите со кој се задолжуваме, Петрески вели дека ние генерално генерираме буџетски дефицити, коишто од една страна се над потенцијалот за раст и тоа навистина не втурнува во една замка на задолженост.
„Од аспект на каматните стапки треба да целиме да бидат под онаа стапка на економски раст што ја имаме. За жал во изминатите години ние не успеавме да генерираме економски раст којшто е на нашиот потенцијал, односно од 4-4,5%. Еден дел заради турбулентните години поврзани со кризите, меѓутоа и еден дел е и затоа што имаме генерално слабост во имплементација на реформи. Повторно нас ни се повторува една ситуација кадешто ние генерираме дефицити коишто не неопходно ја поттикнуваат конкурентноста и продуктивноста на економијата, што треба да биде клучна цел. Вие може да се задолжувате, меѓутоа доколку таквото задолжување е насочено во поттикнување на економскиот раст, на конкурентноста, тоа значи дека во моментот кога ќе треба да ги исплаќате тие земени кредити, ќе имате потенцијал тоа да го направите.
-За жал во изминатите години и во моментов гледаме дека Владите не посегнуваат по тоа да се откажат од одредени популистички мерки и политики коиштоне одат во насока на јакнење на конкурентноста. Ако сакаме да целиме раст којшто ќе биде над буџетскиот дефицит и да влезме во фискална консолидација, ние мораме да започнеме со структурни реформи и инвестирање на парите од буџетот воразвојна компонета, додава проф. Благица Петрески.
Целото интервју со проф. Благица Петрески, извршна директорка на „Фајнанс Тинк“, погледнете го во видеото: