Ле Риголер: Настаните од Македонскиот фронт се релативно слабо познати во Западна Европа и честопати потценети

Настаните од Македонскиот фронт се релативно слабо познати во Западна Европа и честопати потценети, истакна францускиот амбасадор Кристоф Ле Риголер, на денешната комеморација на Француските гробишта во Битола.

Настаните од Македонскиот фронт се релативно слабо познати во Западна Европа и честопати потценети, истакна францускиот амбасадор Кристоф Ле Риголер, на денешната комеморација на Француските гробишта во Битола.

Амбасадорот Ле Риголер, потсетувајќи на Првата светска војна и Денот на примирјето, посочи дека не треба да се заборави ни цивилното население, кое како што рече многу страдаше бидејќи Битола се најде на линијата на фронтот.

-Оддаваме почит на загинатите од Македонскиот фронт, без разлика дали биле французи, германци, бугари, срби, грци, англичани, италијанци и руси. Повеќе од 300.000 французи се бореа, а 65.000 загинаа за да го отворат овој втор фронт на Балканот. Настаните од Македонскиот фронт се релативно слабо познати во Западна Европа и честопати потценети, сепак битките и болестите го земале својот данок врз трупите, особено кај оние што дошле од далечни територии, тогаш под француски суверенитет. Тука мислам на африканските и на војниците од индокина. Овој фронт сепак одигра голема улога за исходот од Првата светска војна. Битката кај Добро Поле на 14 и 15 септември 1918 година била одлучувачка пресвртница бидејќи дозволила примирје на овој фронт што сам посебе го забрзал крајот на непријателствата на Западниот фронт. Овие гробишта во Битола со своите 6.000 гробници и оваа импозантна костурница потсетуваат на цената што ја платиле овие војници без разлика на нивната националност. На ова место не треба да го заборавиме ни цивилното население, население кое многу страдаше бидејќи Битола се најде на линијата на фронтот, посочи Ле Риголер.

На комеморацијата во Битола двата амбасадори, францускиот Ле Риголер и германската амбасадорка Петра Дрекслер посочија дека војната се врати во Европа и затоа голема е обврската да не се дозволи агресијата и насилството да не преовладаат на европскиот континент.

-Се сеќаваме на паднатите војници кои загинаа во светските војни, како и на многубројните цивилни жртви кои со воените дејствија непосредно и посредно го загубија својот живот независно од нивната националност. Во време кога војната се врати во Европа, а насилни напади и вооружени конфликти и понатаму го потресуваат светот, нашето сеќавање незначи само поглед кон минатото. Нашето сеќавање значи должност кон загинатите и одговорност кон следните генерации. Заедно можеме да ја најдеме силата и да ја прифатиме оваа одговорност, а предуслов за тоа е помирувањето за кое Франција и другите и подадоа рака на Германија. Со оглед на размерот на страдањето што токму тука во Битола сеуште одекнува во сегашноста, свесни сме за значењето на помирувањето и одговорноста што произлегува од него. Не смееме и нема да попуштиме во нашата заложба за свет во кој владеат човештвото, толеранцијата и почитта, истакна германската амбасадорка Дреклсер.

Цвеќе на Француските гробишта во Битола по повод Денот на народната жалост и сеќавање на Примирјето од 11 ноември 1918 година, положија делегации предводени од амбасадори, конзули, локалната самоуправа и македонското Собрание претставено од пратениците Пеце Милевски и Бисера Костадиновска Стојчевска.