Османи: Нашите позиции се јасни, должни сме на граѓаните да им испорачаме европска перспектива

„Се стремиме за демократски и либерални вредности“ рече министерот за надворешни работи Бујар Османи за време на денешната куса средба што во Битола ја имаше со бугарскиот премиер Кирил Петков и неговата колешка, министерката за надворешни работи на Бугарија – Теодора Генчовска.

„Јас сум во комуникација со министерката, а денеска имавме можност да разговараме и со премиерот. Тоа што зборувам јас за документ, всушност е за португалскиот кој што се уште е основа за постигнување на договор што е претставен во различни форми, нон пејпери, текстови, разменети идеи во текот на овој период, меѓутоа сметам дека тој предлог останува во сржта на наоѓање на решение што е прифатливо за двете страни“ вели Османи.

Според него, коментарот вчера на бугарското МНР се однесувал на одговорите на т.н. пакет 5+1 којшто уште во Рига минатата година беа предадени, односно, како што вели, претставени па после тоа во февруари имаше нивни коментари по однос на овој текст.

„Меѓутоа, тие прашања се помалку важни. Битно е да продолжи комуникацијата. Очигледно, како што реков, и во Бугарија ова доста предизвикува различни ставови па и во рамки на коалицијата. Нашите позиции се јасни. Ние се движиме во рамки на позициите кои што ги имаме во Парламентот. Сметаме дека предлогот на меѓународната заедница е единствениот официјален предлог на ЕУ претставен преку тогаш португалското претседателство што беше преземено потоа од словенечкото претседателство и понатаму останува тој документ – португалскиот предлог што ние сме го прифатиле и сметаме дека треба да биде основа за решение“ – рече Османи.

Шефот на дипломатијата оцени дека овие чести средби мислам можат само да ја подобрат таа динамика и покрај сите разлики.

„Очигледно дека имаме разлики. Имаат разлики партиите внатре во Бугарија, имаат и нашите. Не е лесно. Комплексно прашање е, меѓутоа ние сме должни како политичари да испорачаме на граѓаните европска перспектива притоа штитејќи ги нашите интереси. Покажавме дека можеме да го штитиме нашите интреси, инаку ќе имавме решение многу подамна, истакна министерот Османи и додаде дека целта е Европската унија да се соедини во овие демократски и либерални вредности кон кои сите се стремиме“ – истакна Османи.