„Бугарската заедница во Северна Македонија е мостот меѓу двете држави“ изјави денеска во Битола бугарскиот премиер Кирил Петков, кој присуствуваше на отворањето на клуб кој ќе работи во состав на културниот центар „Иван Михајлов“.
„Тука сме за да покажеме дека ова прашање не е меѓупартиско, туку национално. Треба да се обединиме, но не само во Бугарија, туку заедно со Бугарите во Северна Македонија. Тие всушност се мостот меѓу двете земји и ние тој мост треба да го искористиме за да ги заштитиме нивните права, тоа воопшто не е спорно. Истовремено, мора да ни биде јасно дека и за бугарското малцинство во Северна Македонија и за бугарскиот интерес е важно, Северна Македонија еден ден да биде дел од Европската унија“ – рече Петков.
Петков, кој е придружуван од потпретседателката Илијана Јотова и шефицата на дипломатијата Теодора Генчовска, прашан дали постои документ што е доставен од македонска страна, вели дека се прават напори да се постигне заедничка позиција и во Бугарија и со Северна Македонија.
„Во моментов се трудиме да постигнеме една заедничка позиција, не само во Бугарија, туку заедно со Северна Македонија и таа општа позиција да биде јасна. Ние ги усогласивме рамките кои ги имаме, имаме и коалициски договор и преговарачка рамка и се тоа треба да го почитуваме. Истовремено, она што не обединува е јасното разбирање дека за сите нас е важна европска иднина на Северна Македонија“ – рече бугарскиот премиер Петков.