Славески до приватните превозници: Сте потпишале договор – придржувајте се до него!
Претседателот на Совет на Град Скопје, Трајко Славески до приватните превозници испрати писмо во кое ги советува да го испочитуваат договорот што го потпишале за превоз на патници, кој им истекува во мај 2025 година. Дотогаш, тврди Славески, Советот не може да расправа доколку нема предлог од градоначалничката.
Претседателот на Совет на Град Скопје, Трајко Славески до приватните превозници испрати писмо во кое ги советува да го испочитуваат договорот што го потпишале за превоз на патници, кој им истекува во мај 2025 година. Дотогаш, тврди Славески, Советот не може да расправа доколку нема предлог од градоначалничката.
Писмото го пренесуваме во целост:
Во врска со вашето Барање испратено до Совет на Град Скопје на 5. Ноември оваа година, со цел, како што наведувате „да се најде решение со кое ќе се подобри состојбата во јавниот градски превоз“, ве известуваме за следново:
1. Факт е дека вие имате важечки договори за вршење дејност, склучени со Град Скопје во Мај 2022 година, откако сте биле избрани за вршители на дејност според определена процедура која ја спроведе Град Скопје.
2. Договорите се склучени на две години, што значи дека истекуваат во мај наредната 2025 година.
3. Во процедурата за учество на јавниот повик и самото склучување договор со Град Скопје сте ги знаеле и сте ги прифатиле понудените услови, права и обврски, вклучително и тарифата за изминат километар, на што треба да се придржувате сé до истекот на важноста на договорите за вршење дејност во областа на јавниот Градски превоз на територијата на Град Скопје.
4. Од сето претходно наведено може да се заклучи дека Совет на Град Скопје немал и нема надлежност околу условите и вашите превземени обврски со договорите склучени со Град Скопје. Не е надлежност на Совет на Град Скопје ниту следење на извршување на меѓусебно превземените обврски меѓу Градот и приватните превозници.
5. За да расправа Совет на Град Скопје околу прашања од негова надлежност, а се поврзани со договорни обврски меѓу Градот и вас како привани субјекти, треба да има предлог од Градоначалник на Град Скопје.
6. На крај, ве уверувам дека сите координатори на советнчките групи застапени во Советот се запознати со состојбите и со вашите барања и се едногласни дека оној момент кога ќе добијат конкретен предлог од Градоначалник за промена на условите во договорите склучени меѓу Градот и приватните превозници, предлогот ќе го стават на разгледување на првата наредна седница на Совет на Град Скопје.
Инаку, вчера Град Скопје се обиде да ја префрли одговорноста кај Советот, па велат „евидентно е дека непринципиелната политика, личните интереси и партиските приоритети сѐ уште се тактика на мнозинството во Советот на Град Скопје предводено од коалицијата на ВМРО-ДПМНЕ за која цената ја плаќаат граѓаните на градот Скопје“.
– Приватните превозници редуцирано сообраќаат поради револт за неразгледување на нивната иницијатива за која може да расправа и да донесе одлука единствено Советот на Град Скопје. Тие имаат доставено барање до претседателот на Советот на град Скопје Трајко Славевски пред неколку месеци, кое според Деловникот за работа на Советот на град Скопје требаше да биде ставена на разгледување пред советниците во Советот веднаш без одлагање. За жал, тактиката на мнозинството во Советот да се креира незадоволство и предизвика хаос за граѓаните на градот Скопје, преку спречување набавка на нови еколошки автобуси и обидот за девастирање на јавниот превоз со неисплаќање на долгот кон ЈСП од 8 милиони евра кој го има Владата за превоз на студентите и студентскиот стандард.
Апелираме до Трајко Славевски како претседател на Советот на град Скопје уште веднаш да ја стави иницијативата за барањето на приватните превозници за разгледување пред советниците со цел деблокирање на овој сегмент од јавниот превоз во главниот град- соопштија од Град Скопје.
Инаку, приватните превозници од „Јофи Бус“ ДОО од јавниот градски превоз во Скопје предлагаат координаторите на советничките групи, Град Скопје или Владата да закажат проширен состанок со Јавното сообраќајно претпријатие (ЈСП) за изнаоѓање излез од кризата со јавниот градски превоз.
Дел од приватните превозници со недели не возат преку целиот ден, туку само попладне по 17 часот.