Нов состанок за пругата кон Бугарија, премиерот очекува до пролет-лето идната година да се заврши делот што е наша обврска

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Христијан Мицкоски денеска информира дека за околу три недели во Скопје ќе се одржи состанок во врска со изградбата на пругата кон Бугарија. Тој потсети дека последниот состанок се одржал во Софија, а претходно имало дијалог на високо ниво во Брисел.

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија Христијан Мицкоски денеска информира дека за околу три недели во Скопје ќе се одржи состанок во врска со изградбата на пругата кон Бугарија. Тој потсети дека последниот состанок се одржал во Софија, а претходно имало дијалог на високо ниво во Брисел.

Мицкоски е оптимист за, како што истакна, она за кое работиме и сонуваме да бидеме крстосница на три столба, железничка, транспортна и енергетска полека, но сигурно го реализираме како Влада.

– Добро е што аргументите за кои од наша страна цело време апелираме се прифатени и практично проектот сега ќе се разгледува ова трета секција од градот Крива Паланка до влезот на тунелот, кој е спорен, за кој од бугарска страна нема проект. Самиот тунел ќе биде заеднички проект. Конечно имаме јасна определба од страна на бугарската страна дека и тие ќе влезат во проектирање, така што македонскиот дел и бугарскиот дел ќе ги спои овој тунел. Бугарската страна ќе си го преземе делот на поврзување од излезот од тунелот до нивната национална железница, со што се отвора можност од почеток да ја започнеме оваа процедура и во најбрзо време очекувам до пролет лето идната година да го завршниме оној дел кој е наша обврска, изјави Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање кои се заклучоците од состанокот на тема изградба на пруга кон Бугарија, по направениот надзор во работата на патниот правец Прилеп-Битола, што е дел од Коридорот 10д.

Според Мицкоски, и патот од Битола кон Грција останува владин приоритет односно Коридорот 10, а очекува ако биде се како што треба, како што рече, добри вести до крајот на годината и по тоа прашање.

Инаку, има доцнење при изградбата на пругата која е поделена во три дела Куманово-Бељаковце, Бељаковец- Крива Паланка и третиот е од Крива Паланка – граница.

– Ако втората секција не се заврши, не може да се пристапи на реализација на третиот дел, посочуваат од извори од Владата.

Се доцни изградбата на втората делница каде досега се реализирани околу 20 отсто од работите. Како втора причина за доцнењето се посочува основата за сомневање за ангажираните подизведувачи, кои, како што се нагласува, не случајно се избрани. Поради овие две работи не може да се пристапи на третиот дел од Крива Паланка до граница.

Втората делница треба да се заврши на крајот на 2026 година, но претпоставките се дека тоа ќе се случи многу подоцна. За доцнењето се плаќаат пенали така што проектот ќе дојде до 200 милиони евра.

Министерството за транспорт соопшти дека е договорено еден изведувач да го гради тунелот за железничко поврзување меѓу Македонија и Бугарија, да се ревидира цената и проектот за третата делница, а Бугарија да го заврши својот дел од пругата.

– Трите клучни аргументи на заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски беа прифатени. Мора да има заеднички проект за тунелот со цел да не се гради тунел кој не води никаде, понатаму Бугарија да го заврши својот дел од пругата и трето да се ревидира цената која е превисока како и ревидиирање на самиот проект.  По проценката на ризиците, изградбата на тунелот за железничко поврзување меѓу Македонија и Бугарија е поефикасно да биде од еден изведувач, соопшти Министерството.