Чејни го критикуваше Трамп по изјавата дека таа „треба да се соочи со стрелечки вод“
- Таа е радикален воен јастреб, рече Трамп во четвртокот на настанот во кампањата со поранешниот водител на Фокс Њуз, Такер Карлсон, во Глендејл, Аризона, нарекувајќи ја Чејни „луда личност“ и „многу глупава личност“. - Да ја ставиме таму со пушка, со девет цевки вперени во неа, добро? Да видиме како би се чувствувала за тоа. Знаете, кога и’ се вперени пушки во лице, додаде тој, истакнувајќи дека таа и нејзиниот татко, поранешниот републикански потпретседател Дик Чејни, одбиле да ја поддржат неговата трета претседателска кампања.
Американскиот републикански претседателски кандидат Доналд Трамп ја нападна Лиз Чејни, сугерирајќи дека поранешната конгресменка, која ја поддржа демократката Камала Харис во трката за Белата куќа, треба да се соочи со стрелечки вод поради своите надворешнополитички ставови.
– Таа е радикален воен јастреб, рече Трамп во четвртокот на настанот во кампањата со поранешниот водител на Фокс Њуз, Такер Карлсон, во Глендејл, Аризона, нарекувајќи ја Чејни „луда личност“ и „многу глупава личност“. – Да ја ставиме таму со пушка, со девет цевки вперени во неа, добро? Да видиме како би се чувствувала за тоа. Знаете, кога и’ се вперени пушки во лице, додаде тој, истакнувајќи дека таа и нејзиниот татко, поранешниот републикански потпретседател Дик Чејни, одбиле да ја поддржат неговата трета претседателска кампања.
Трамп повторно се закани дека ќе ги истражи или процесуира своите политички противници, вклучувајќи ја и Чејни, како и изборни работници, новинари и левичарски Американци, меѓу другите. Поранешниот претседател, исто така, изјави дека армијата може да се употреби против „радикалната левица“ во случај на нереди на денот на изборите.
Како одговор, Чејни синоќа го нарече Трамп „одмазднички, суров диктатор“.
„Така диктаторите ги уништуваат слободните нации. Тие што говорат против нив добиваат смртни закани. Не можеме да и’ ја довериме нашата земја и слободата на ситен, одмазднички, суров и нестабилен човек што сака да биде тиранин“, одговори Чејни на платформата Икс, додавајќи #Womenwillnotbesilenced“ (жените нема да бидат замолчени).
Чејни, која е една од најистакнатите републиканки што се свртеа против Трамп, ја поддржа Харис на изборите на 5 ноември, изјавувајќи дека ја преминала партиската граница за да ја стави земјата пред политиката и го нарече Трамп „опасност“.
Чејни, поранешна водечка личност во Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, го загуби своето место откако го поддржа вториот импичмент на Трамп поради неговата улога во упадот на неговите приврзаници во Капитол на 6 јануари 2021 година и помогна да се води истрагата за нападот.
Изминативе недели, Чејни водеше кампања со Харис, вклучувајќи ја и државата Мичиген, која е клучна поради големото арапско и муслиманско население што демократите се обидуваат да го придобијат.
Демократите долго време го критикуваат нејзиниот татко за неговата централна улога во поттикнувањето и спроведувањето на инвазијата на Ирак предводена од САД во 2003 година, врз основа на лажни обвиненија. Чејни за време на својата кариера го прифатила неоконзервативното наследство на татко и, што отвори прашања дали нејзината поддршка ќе и помогне на Харис да добие гласови или ќе и наштети на шансите.