Смртни закани за тренерот на Баерн по елиминацијата од Вилјареал
Јулиан Нагелсман – тренерот на Баерн Минхен рече дека добил смртни закани, откако баварскиот клуб беше елиминиран во вторникот од Вилјареал во четвртфиналето од Лигата на шампиони.
„Знам дека секогаш ќе бидам критикуван од сите страни, тоа е нормално и можам да се носам со тоа. Но со 450 смртни закани на Инстаграм, тоа не е нормално“ – изјави тренерот на Баерн на прес-конференција.
„Ако луѓето сакаат да ме убијат мене, тоа е една работа, но ја напаѓаат мојата мајка, која воопшто не се разбира во фудбал. Тоа не можам да го разберам. Штом го изгаснат телевизорот луѓе заборават на пристојноста. И што е најлошо, мислат дека се во право“ – додаде Нагелсман.
Стратегот на Баерн е втор член на раководството на клубот на чија адреса оваа недела беа упатени смртни закани.
Сопругата и синот на спортскиот директор Хасан Салихамиџиќ објавија дека изминатите два дена, исто така, добивале закани по својот живот.