Косовската полиција нападната со рачна бомба и калашников
Џељаљ Свечља – министерот за внатрешни работи на Косово денеска информираше дека две возила на косовската полиција, кои превезувале полициски службеници на граничните премини со Србија, во северно Косово, се нападнати утрово со огнено оружје.
„Утрово околу седум часот и 40 минути се случи напад врз припадници на Полицијата на Косово кои оделе да ја преземат смената на граничните премини. Овој напад, за кој е утврдено дека е извршен со рачна бомба и со пушка АК-40, како терористички чин е изведен со цел да се заплашат полициските службеници, но и сите граѓани на Косово. Првиот напад се случи со поставување метални ланци со шилци на националниот пат отприлика во исто време како денеска, со цел да ја оневозможат работата на полицијата на Косово и истовремено директно да ги загрозат нивните животи. Вториот напад е изведен со фрлање камења кон полициско возило. Третиот напад се случи синоќа, кога во близина на полициски пункт кој ги обезбедува пречките на илегалните премини на границата е пукано од огнено оружје. И денеска директно се нападнати две возила кои ги превезувале полициските службеници на граничните премини. Тоа е редовна смена на полицијата, што се врши во осум часот и два од четирите напади се случија токму во тоа време“ – изјави Свечља.
Тој смета дека целта на Белград не е да го нападне, туку да го дестабилизира Косово.
„Не се плашиме од никакво сценарио на Србија. Целта на Србија во овој момент не е да го нападне Косово, туку да го дестабилизира“ рече тој.
И премиерот Албин Курти смета дека нападите се извршени од страна на границата на Србија.
„Три дена по ред службеници на полицијата на Косово се напаѓаат на граничниот премин со Србија. Вчера и денес рафали од огнено оружје се испукани, и рачна граната е фрлена во правец на полицијата. Нашите извори идентификуваа дека вчерашните напади дошле од Србија“ вели Курти.
Тој го повика „официјален Нелград“ да ги осуди како што ги нарече, насилните терористички напади врз патролите.