„ЕУ треба да ја врати европската перспектива на Западниот Балкан и да преземе стратешко лидерство кон регионот, исто како што тоа го направи во 2000 година со земјите на Источна и Централна Европа, бидејќи руската агресија ни покажа на најдобар начин која беше важноста на таа интеграција тогаш за денеска Европа да биде единствена и безбедна“.
Ова е ставот на шефот на македонската дипломатија – Бујар Османи во Сараево, на заедничката прес-конференција со неговиот домаќин вицепремиерката и министерка за надворешни работи, Бисера Турковиќ.
„Амбицијата за членство во ЕУ е една од ретките точки која што не спојува во регионот и тоа не само што беше кохезивен фактор, туку беше и мотор за реформите во регионот. Последните години како што ослабува таа јасна европска перспектива кон регионот, така ослабува и моќта на тој кохезивен фактор и се повеќе на површина излегуваат конфликтните наративи, пораст на национализмот, на националистичката реторика воопшто на Балканот, па и сецесионизмот. Мислам дека одговорот е јасен. За повторно да се врати таа кохезија меѓу народите треба да се врати европската перспектива. ЕУ треба да преземе стратешко лидерство кон овој регион исто како што тоа го направи во 2000 година кон земјите на Источна и Централна Европа. Руската агресија ни покажа на најдобар начин која беше важноста на таа интеграција тогаш. за денеска Европа да биде единствена и безбедна“ – изјави Османи.
Во однос на очекувањата од француското претседателство со ЕУ, рече дека очекува позитивен сигнал од Париз кон регионот.
„Очекувам француското претседателство да преземе одговорност во овој период, но се разбира тоа не зависи само од Франција, затоа што одлуките во Европскиот совет се носат едногласно и доволна е само една земја да го попречи процесот. Ако прашањето е кон Франција, јас сум повеќе од позитивен дека имаат силни намери во овој дел“ – оценува Османи.