Викендов ќе се знае дали од понеделник ќе продолжи штрајкот во училиштата и градинките

Премиерот Димитар Ковачевски беше предводник на делегацијата на Владата која денеска оствари средба со претставници на СОНК во врска со штрајкот во училиштата и градинките.

Во текот на викендов ќе се продолжи дијалогот и наредните денови ќе се утврди точното зголемување на платите за наставниците, воспитувачите и негувателките, со цел од понеделник децата да продолжат со настава. Ова е информацијата која ја споделија од владината прес-служба по состанокот.

„Претставниците на Владата и претставниците на СОНК се договорија во наредните денови да се утврди процентот за зголемување на платата кое ќе се испланира и потенцијално реализира со ребалансот на Буџетот, по што учениците од основното и средното образование од понеделник би се вратиле во училишните клупи, а децата од предучилишното воспитување и згрижување во градинките“ – соопштија од Владата.

На состанокот се разговарало и за тоа веднаш да започне сеопфатен дијалог, со активно учество на синдикатот, за трајно решавање на континуираниот раст на платите.

Ковачевски истакнал дека се отворени за дијалог за воспоставување систем за раст на платите, но којшто дијалог нема да биде условуван и предизвикуван од штрајкови.

Покрај Ковачевски, на состанокот од Владата присуствувале и првиот вицепремиер Артан Груби, вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, министерот за финансии, Фатмир Бесими, министерот за образование и наука Јетон Шакири и министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска.