Пред скопскиот Кривичен суд денеска голем број граѓани, пријатели и членови на семејството на младата Викторија Николова која загина во сообраќајна несреќа на 20 јануари кај „Сити Мол“ излегоа на протест откако возачот кој ја усмрти младата девојка доби три годишна затворска казна.
Сестрата на Викторија – Лилјана Николова од пред Кривичниот суд изјави дека денеска бараат „повторно и повторно правда“, за неправедната пресуда и за целата неправда, која, како што кажа, „ни беше нанесена и сè уште ни се нанесува“.
„Овој протест е уште еден кренат глас до ова судство, до оваа неправдина која не боли до коска и оваа пресуда од судијката Љубинка Бошевска. Како да не сме луѓе, како да нè нема, како да се кријат во нивните удобни фотелји, а трњата ние ги газиме, ние патиме, ние губиме и човек и правдина и надеж. Бараме правдина за нашата сестра, ќерка, девојка, другарка, бараме нова пресуда со реални очекувања, зошто нема да запреме овде. Доста беше оваа тортура и ова лудило“ – рече Николова.
Таа побара да се чуе нивниот глас, затоа што најави дека за нивното „непрофесионално работење“ ќе слушне целиот свет.
Адвокатот на семејството на Викторија – Владимир Михајловиќ рече дека на предметот за кој се расправал за смртта на Викторија и повредениот Леонид Даов, успеале да видат дека тука не се битни ниту законите, ниту дека некој бара правда, а ниту дека има владеење на правото.
„Затоа, за жал на улица бараме да се слушне гласот на народот, затоа што пред 80 дена беше Викторија, утре може да биде секој од нас“ – рече Михајловиќ.
„Во законски рамки, така поставен обвинителен акт, каде што делото се окарактеризирува со умисла, кадешто казната е од 4 до 20 години, кадешто нема ниту еден процент придонес на пешаците, по она што е вештачење, по она што е видео снимки, по она што е прибрано како докази, ние имаме казна под законскиот минимум“ – посочи Михајловиќ.
Тој рече дека тоа е апсолутна неправда и сметаат дека Апелација треба да го слушне гласот на народот, но и да ги види доказите во постапката.
„Обвинителството го има овој предмет одработено максимално добро во рамките на законот и не е само неправдата кон Викторија, ова е неправда апсолутно кон сите, непочитување кон институцијата обвинителство, непочитување кон она што го нарекуваме цело време правда, владеење на правда. Оваа порака не е само за Викторија, ова е порака за сите, ова е порака затоа што тие 8% кажани од институциите за довербата во судството денес, денес, односно по изреката на пресудата станаа 0%. И тука доаѓаме секојдневно, ние особено како адвокати, проблем е како да се бориме за правдината на странките, кога некој друг целосно ја стопира“ – рече адвокатот Михајловиќ.