ССНМ: Нападите врз медиумските работници да престанат!

„Во текот на годината имаше случаи на физичко насилство, наводни закани и малтретирање на новинари“, се наведува меѓудругото во извештајот на американскиот Стејт  Департмент за човековите права во Северна Македонија за 2021 година.

Од Самостојниот Синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ) велат дека ваквите забелешки не се разликуваат многу од извештај за 2020 година каде што Стејт Департментот нотирал дека земјата постигнала напредок во почитувањето на слободата на медиумите и слободата на изразување во земјава.

Оттаму потенцираат дека основен предуслов за професионално вршење на новинарските обврски и за објективното и навремено информирање на граѓаните е безбедноста на новинарите и медиумските работници.

„Гарантирањето на безбедноста на новинарските екипи го демонстрира и демократскиот капацитет на едно општество, бидејќи на тој начин се остава простор новинарите слободно да ја вршат својата работа во насока на задоволување на јавниот интерес. ССНМ лани доби и поддршка од Европската Федерација на новинари за кампањата за прекин на неказнивоста на нападите врз новинарите и медиумските работници. Нападите врз новинари и медиумски работници мора да престанат, а институциите да бидат ажурни и сторителите да не поминуваат неказнето“ велат од ССНМ.

Инаку, до 20. Септември 2021 година Јавното обвинителство Скопје разгледало 17 кривични пријави за закани и физички или онлајн напади врз новинари. Обвинителите утврдиле дека три од тие претставки заслужуваат дополнителни обвинителски истраги, а три се упатени до МВР поради квалификување како прекршоци.

Останатите 11 не заслужуваат обвинителска проверка поради недостиг на докази за криминално однесување.