Поранешниот скопски градоначалник, Петре Шилегов повторно се огласи преку социјалната мрежа Фејсбук.
„1.000 зошто, едно затоа: За да нема нејаснотии, бидејќи имам многу јавувања, многу пораки, многу коментари: ако нешто не е во ред и гледаш дека е така, а молчиш, со молкот стануваш соучесник …“, напиша денеска Шилегов.
Шилегов во претходната објава на фејсбук ја нарече СДСМ заробена партија со двајца октроирани „лидери“, тезгароши.
Лидерот е избран најдемократски, реагираат од СДСМ на изјавите на Шилегов
Портпаролката на СДСМ Богданка Кузеска денеска на прес-конференција, коментирајќи ги објавите на поранешниот градоначалник на Скопје и СДСМ-овец Петре Шилегов, изјави дека СДСМ имаше легитимни внатрепартиски избори на кои го избра новиот лидер во постапка во која учествуваа дури четворица кандидати.
„СДСМ е најдемократска партија во државата која единствена го бира својот претседател на демократски и непосредни избори. Оттаму легитимитетот на претседателот на СДСМ не може да се оспорува. Немаме намера да навлегуваме во лични напади, и остануваме посветени на демократските принципи кои ги почитуваат различните ставови, но во рамките на цивилизиран дијалог“, рече Кузеска.