ФФМ ќе гради фудбалски стадион со 12.000 седишта во Аеродром

Управниот одбор на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) денеска на седница донел одлука за изградба на фудбалски стадион со минимален капацитет од 12.000 седишта, според сите критериуми на УЕФА и ФИФА за одигрување клупски и репрезентативни натпревари од највисок ранг.

Стадионот, како што е соопштено, ќе биде лоциран во општина Аеродром во рамки на „Куќата на фудбалот“ и ќе биде финансиран со средства од УЕФА и ФИФА преку програмите за развој на фудбалската инфраструктура.

„Наша обврска како Фудбалска федерација на Македонија е да придонесеме за напредок на фудбалот, а најдобар начин да го потврдиме тоа е преку изградба на стадион кој ќе биде обележје на времето кое ни ги носи најголемите фудбалски успеси во нашата историја“ – изјави претседателот на ФФМ – Муамед Сејдини.