Трендафилов: Алчноста на трговците поголема од растот на платите на работниците
- За жал, алчноста на трговците во изминатиот период дополнително ги осиромаши работниците и граѓаните, па сметам дека мерката за ограничување на маржите, како и стапувањето на сила на Законот за нефер трговски практики ќе помогне во сузбивањето на оваа појава, смета Трендафилов.
Во интервју дадено за „Трилинг“, првиот човек на ССМ, Слободан Трендафилов, одговора на прашања поврзани за економската ситуација во државата, дали политиките на новата Влада се исправни, колку и на каков начин се прифаќаат барањата и сугестии на работниците.
Во разговорот, Трендафилов дава свое гледиште за зголемување на платите, пензиите, и поскапиот животен стандард, околу евентуални протести како и дали е на повидок решение од ценовниот шок и колку на едно четворочлено семејство му се потребни пари за да го преживее месецот.
„ССМ, Синдикалната минимална кошница не ја пресметува за да покаже со колку пари може да се преживее во Македонија, туку за да покажеме на креаторите на политиките и на работодавачите дека не се живее ни со толку. Оттука, сметаме дека само со раст на платите ќе се зачува куповната моќ на работниците, потенцира Трендафилов.
Како што вели Трендафилов, Владата започнала да го слуша гласот на работниците и дека охрабрува фактот дека конечно се зборува за потребата од раст на платите во државава.
„Барањата на ССМ за раст на платите веќе започнуваат да го даваат својот резултат, се разбира дека директините разговори се најдобриот начин за разбирање и изнаоѓање решенија, а доколку на таков начин не е можно, голема улога играат и медиумите како Вашиот преку кој можеме јавно да ги упатиме барањата и да ги пренесеме очекувањата на работниците“, смета претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов.
Како ССМ ги оценува економски политики на Владата?
Владата започна да го слуша гласот на работниците што сметаме дека е добар показател за тоа каде ќе се движиме како општество во наредниот период. Охрабрува тоа што денеска повторно зборуваме за потребата од раст на платите на работниците во Македонија, па по образование, сега се прават пресметки за раст на платите во здравство, а јас би додал дека треба да прават пресметки и за раст на платите во полиција и зголемените плати да ги добијат до крајот на оваа година имајки во предвид дека тоа се секторите кои не добија никакво усогласување или зголемување на платите оваа година.
Се разбира за поздравување е тоа што новата Влада ги исплати четиримесечните заостанати плати на вработените во Македонски шуми и во Водоатопанство, а колегите во овие институции денеска редовно земаат плата, а како синдикат сметаме и дека мерката за ограничување на маржите на 70 категории на производи ќе има позитивен резултат.
Колку и на каков начин се прифаќаат барањата и сугестии на работниците?
Како што веќе кажав, барањата на ССМ за раст на платите веќе започнуваат да го даваат својот резултат, се разбира дека директините разговори се најдобриот начин за разбирање и изнаоѓање решенија, а доколку на таков начин не е можно, голема улога играат и медиумите како Вашиот преку кој можеме јавно да ги упатиме барањата и да ги пренесеме очекувањата на работниците, за да ги слушнат оние кои ги креираат политиките, што до денес се покажува како добар начин за остварување на целите на синдикатите.
Каде се изгуби трагата од писмото НА ССМ до премиерот Мицкоски ?
Сојузот на синдикатите на Македонија уште на 3.7 2024 година достави писмо до новата Влада во кое покрај другото побаравме средба и укажавме на потребата со новата Влада да се разговара само за унапредување и зајакнување на работничките права во Македонија. Писмото е во Владата, а тоа беше и една од причините за одржување на првата седница на Економско социјалниот совет. Сметаме дека е важно да истакнеме дека од страна на членовите на ЕСС од Владата и одстрана на Претседателот на Владата беше нагласено дека во наредниот период ќе се случуваат зачестени седници на ЕСС на кои ќе ги разговараме сите прашања кои се од значење за работниците, а со тоа лично сметам дека ќе го надополниме предходно загубеното време и тоа во интерес на работниците.
Зголемување на платите, пензии, и поскап животен стандард. Каде го гледате решението од ценовниот шок и колку на едно четворочлено семејство му се потребни пари за да го преживее месецот?
ССМ, Синдикалната минимална кошница не ја преснетува за да покаже со колку пари може да се преживее во Македонија, туку за да покажеме на креаторите на политиките и на работодавачите дека не се живее ни со толку. Оттука, сметаме дека само со раст на платите ќе се зачува куповната моќ на работниците. За жал, алчноста на трговците во изминатиот период дополнително ги осиромаши работниците и граѓаните, па сметам дека мерката за ограничување на маржите, како и стапувањето на сила на Законот за нефер трговски практики ќе помогне во сузбивањето на оваа појава. Да потсетам, цената на енергенсите, на суровините не е зголемена, а дури и главниот изговор дека растот на цените се случува поради растот на платите е неоправдан поради тоа што поради изборниот процес во последните 6 месеци немаше ниту раст на платите, па од тука растот на цените се случува само поради алчноста за профит кај трговците што Државата мора да го заузда. Како пример ќе посочам дека трговците, кога разбраа за намерата на Владата за ограничување на маржите, ги зголемија цените на сите производи, а ова го потврдуваме и со растот на делот за храна и пијалоци во Синдикалната минимална кошница за повеќе од 700 денари за минатиот месец, а во истата делот за храна и пијалоци за овој месец според последната пресметка ќе биде намалена за повеќе од 900 денари.
Ова потврдува дека цените треба уште да се намалуваат, а нивното зголемување нема никаква поврзаност со економската логика ниту пак со здравиот разум, туку има поврзаност само со алчноста која е се поизразена во Македонија.
Можни ли социјални протести?
Сојузот на синдикатите на Македонија во минатото покажал дека без оглед на притисоците и нападите, кога треба да се избори за унапредување на работничките права тоа знаел да го прави и на маса но и на улица. Само за периодот од кога сум јас Претседател на ССМ, ССМ организираше и учествуваше на 36 протести кои завршија на 1 мај оваа година. Сметаме дека капацитетите треба да ги насочиме на партнерско градење на социјалните политики со взаемно почитување како рамноправни партнери со Владата и работодавачите во приватниот сектор, а до сега видовме промена на ставовите од тоа дека не може ништо да се направи за раст на платите, до тоа да платите полека да почнуваат да се зголемуваат што го поздравуваме и сметаме дека тој тренд на изнаоѓање на решенија по пат на социјален дијалог ќе го даде посакуваниот резултат.