УНИЦЕФ: Повеќе од 370 милиони жени биле жртви на сексуално насилство пред да наполнат 18 години

Повеќе од 370 милиони девојки и жени, кои и денес се живи, биле жртви на сексуално насилство пред да наполнат 18 години, соопшти денеска Детскиот фонд на ОН (УНИЦЕФ).

-Повеќе од 370 милиони девојчиња и жени кои живеат денес, или една од осум, биле жртви на силување или сексуален напад пред да станат полнолетни, се вели во соопштението на УНИЦЕФ објавено по повод 11 Октомври, Светскиот ден на девојчето.

Ако се избројат и случаите на „неконтактни“ облици на сексуално насилство, како насилство на Интернет и вербално вознемирување, тогаш таа бројка е 650 милиони, односно секоја петта жена била злоставувана.

-Сексуалното насилство врз децата е дамка на нашата морална совест, изјави извршната директорка на УНИЦЕФ Кетрин Расел. „Тоа предизвикува длабока и трајна траума, често од некој што детето го познава и има доверба, на места каде што треба да се чувствува безбедно, рече таа, додавајќи дека сме сведоци на ужасно сексуално насилство во конфликтните зони, каде што често силување и родово базирано насилство се користи како оружје во војна.

Преживеаните често ја носат траумата од сексуално насилство во зрелоста, соочени со поголеми ризици од сексуално преносливи болести, злоупотреба на супстанции, социјална изолација и ментални здравствени проблеми како анксиозност и депресија, како и предизвици во формирањето здрави врски.

Доказите покажуваат дека влијанието дополнително се влошува кога децата го одложуваат откривањето на своите искуства, понекогаш на долги периоди, или целосно го чуваат злоставувањето во тајност, се вели во соопштението.

Најголем број жртви е регистриран во субсахарска Африка, каде што бројот на жени и девојки жртви на сексуално насилство е 79 милиони, во Источна и Југоисточна Азија 75 милиони, во Централна и Јужна Азија 73 милиони, во Европа и Северна Америка 68 милиони, во Латинска Америка и на Карибите – 45 милиони, 29 милиони во Северна Африка и Западна Азија и шест милиони во Океанија.

Во исто време, се проценува дека секое 11-то момче или маж бил жртва на сексуална злоупотреба како дете, или меѓу 240 и 310 милиони во светот. Ако се вклучат и „бесконтактни облици на вознемирување“, тогаш таа бројка се движи од 410 до 530 милиони.

Меѓународниот ден на девојчето е меѓународен празник прогласен од Обединетите нации. Првиот ден на девојчињата беше прославен на 11 октомври. во 2012 година со желба да им се овозможи на девојчињата да имаат повеќе избор и да се подигне свеста за родовата нееднаквост со која се соочуваат девојчињата ширум светот врз основа на нивниот пол.