Курти ќе го претставува Косово на самитот на Берлинскиот процес идната недела

Косовскиот премиер, Албин Курти ќе учествува на самитот по повод 10-годишнината на Берлинскиот процес, што ќе се одржи идната недела, на 14 и 15 октомври, во Германија, јави дописникот на МИА од Приштина.

Информацијата во изјава за медиумите ја објави Јетон Зулфај, советник на премиерот Курти.

„Премиерот ќе учествува како што учествуваше на сите самити досега“, рече Зулфај.

Специјалниот емисар на Германија за Западен Балкан, Мануел Сарацин неодамна изјави дека Косово треба да ги отстрани економските мерки воведени кон Србија, доколку сака да биде покането на Централноевропскиот договор за слободна трговија, ЦЕФТА, и на Берлинскиот процес.

„Секако се надеваме дека Косово ќе учествува на самитот, но нема да го поканиме Косово на привремениот механизам ако не се придвижи да ги отстрани трговските мерки, кои според мене не носат поголема безбедност, туку дејствуваат против слободната трговија, дури и за германски производи од Србија. Таква е ситуацијата“, изјави Сарацин.

Министерството за внатрешни работи на Косово во понеделникот неделава донесе одлука со која на граничниот премин Мердара меѓу двете држави се укинува забраната на влез на стоки од Србија.

По ова, денеска Косово беше претставено од министерката за индустрија, трговија и претприемништво, Розета Хајдари на ЦЕФТА, со што престана претставувањето на Косово во оваа организација од страна на Мисијата на Обединетите нации, УНМИК.