Јуратовиќ: Вучиќ ќе го даде литиумот, Германија не може да го надгледува ископувањето

Пратеникот во германскиот Бундестаг од партијата СПД на канцеларот Олаф Шолц, Јосип Јуратовиќ, изјави дека српскиот претседател Александар Вучиќ ќе го даде литиумот, а мониторингот на вадење руда не може да го врши Германија, туку тоа треба да го прават независните институции во Србија.

Јуратовиќ, кој беше голем критичар на режимот во Србија, сега вели дека Германија и ЕУ мора да соработуваат со автократски системи за да дојдат до ресурси, јави дописникот на МИА од Белград.

Јуратовиќ изјави за ТВ Н1 дека ископувањето на литиум во Србија е прашање од рационален интерес за да се обезбедат ресурси за натамошен индустриски развој на Европската унија, пред се за автомобилската индустрија, која има голем конкурент во Кина.

Тој додаде дека германскиот канцелар Олаф Шолц и ЕУ бараат начин да ги обезбедат ресурсите што ги има Србија и во која Кина е веќе активна.

-Нашата цел е да ги обезбедиме овие ресурси, но и да ги направиме еколошки одржливи. За да има јасен надзор над тие процеси, Германија понуди да и помогне на Србија и тоа е причината зошто Вучиќ денес е во Хамбург, каде што ќе разговара како да се обезбедат ресурси на еколошки одржлив и социјално праведен начин, рече Јуратовиќ на ТВ Н1.

На потсетување дека и самиот ја критикувал власта во Србија, за која вели дека е авторитарна, како и институциите, Јуратовиќ сега вели дека надзорот за екстракција на литиум мора да го вршат истите институции со предуслов да се независни.

Тој тврди дека патот на Србија кон ЕУ не е „поплочен со литиум“, туку дека литиумот и развојот на демократијата се два процеси кои се одвиваат паралелно и дека економската соработка е неопходна без разлика во каква состојба е демократијата.

-Литиумот е чист економски процес и Германија, како и ЕУ, мора делумно да соработуваат со земјите кои имаат автократски режими во однос на обезбедувањето ресурси, но Германија мора да се погрижи да се почитуваат еколошките стандарди, рече тој.

На прашањето дали Вучиќ е сојузник на Германија, тој рече дека српскиот претседател е сојузник на повеќе страни.

-Ако литиумот се ископува, подобро е тој да се ископува под надзор и стандарди на ЕУ, отколку на Кина. Опозицијата е во право дека пред да почне ископувањето мора да се решат отворените прашања, под кои услови ќе се врши надзорот и колку институциите се независни од политичките интереси на еден претседател. Опозиција не е слепа и таа знае дека треба на некој начин да обезбедиме ресурси, важно е само на кој начин и под кои услови, истакна Јуратовиќ.

Тој порача дека „тој литиум Вучиќ ќе го даде или на Европската унија или на Кина. Тоа е и прашање за српската политика што во моментов ја креира Вучиќ и затоа е важно да се реши на демократски начин“.