Актуелниот претседател Андрулакис и градоначалникот на Атина Дукас во вториот круг за лидер на ПАСОК
Актуелниот претседател на грчката опозициска ПАСОК Никос Андрулакис и градоначалник на Атина Харис Дукас, следната недела, во вториот круг ќе се борат за лидерската позиција во грчката Социјалистичка партијата, по вчерашните избори, на кои имаше голем одзив и учество на над 300.000 гласачи, јави дописничката на МИА од Атина.
Според официјалните конечни резултати, на изборите гласале 303.223 членови и поддржувачи на ПАСОК, Андрулакис освои 29,64 отсто од гласовите, Дукас 21,41 отсто, поранешниот министер Павлос Геруланос е на третата позиција со 21,12 отсто, а поранешната еврокомесарка Ана Диамантопулу освои 19,52 проценти, потоа следат поранешниот претседател на пратеничката група Михалис Катринис и пратеничката Надиа Јанакопулу со едноцифрен број гласови.
До доцна синоќа и додека речиси не беше пребројан и последниот глас, се водеше тесна битка за втората позиција меѓу Дукас и Геруланос, а разликата меѓу двајцата е само 858 гласови.
Победникот во првиот круг и актуелниот претседател Андрулакис рече дека вчера беше „голем ден за демократската партија“, им се заблагодари на сите за учеството како и на противкандидатите бидејќи, како што рече, имале „изборна кампања со политичка култура, етика и сериозност.
– Сигурен сум дека следната недела ПАСОК ќе биде уште пообединет, уште посилен, уште погорд, рече Андрулакис.
Од друга страна, Дукас посочи дека пораката од изборите е јасно, исто како и неговиот сопартиец, рече дека вчера беше „голем ден за ПАСОК“ и им се заблагодари на поддржувачите.
-Пораката од изборите е јасна. 70 отсто бараат промена на раководството. Затоа ве повикувам во недела заедно да ја направиме големата промена, рече Дукас.
Поради големиот одзив и редиците во одредени гласачки места, гласањето беше продолжено за еден час.
Претходните избори во Социјалистичката партија, која минатиот месец прослави 50 години постоење, се одржаа во декември 2021 година, а откако актуелниот лидер пред евроизборите како цел постави партијата да биде на втората позиција, цел што не беше постигната и партијата остана зад СИРИЗА Андрулакис се соочи со силни критики од неговите сопартијци, а од состанокот на централниот комитет на крајот на јуни предложи изборите за претседател на партијата да се одржат на 6 октомври.
На парламентарните избори во јуни минатата година, ПАСОК освои 11,84 отсто од гласовите, а на евроизборите пред четири месеци, исто така беше на третата позиција зад СИРИЗА со 12,79 отсто од гласовите.