(Видео) Андоновски: За жал Македонија е единствената држава во регионот и пошироко без закон за сајбер безбедност
Изминаа 100-те денови од владеењето на ВМРО-ДПМНЕ. Презентацијата, како по правило минува во глорификација од и за премиерот. Овој пат централна фигура проф. Мицкоски. Гостин во „Трилинг“ беше Стефан Андоновски, министер за дигитална трансформација.
Околу деблокирањето на македонскиот евроинтегративен пат, Андоновски смета дека има две компоненти на коишто можат да се покажат резултати.
„Првата е домашната задача која што треба да ја завршиме и која како Влада ја започнавме многу експедитивно со донесувањето на Планот за раст, односно организирање и договарање на истиот со Европската унија, и тоа е План кој што ни дава задачи во секој ресор, во секоја област, поединечно и заедно, како Влада, државна администрација. До 2028-та година секој своите задачи да си ги исполни во својот домеин, што ќе значи отклучување на средства и подготвеност на Македонија за пристап во Европската унија. Додека вториот дел се овие непринципиелни барања коишто продолжуваат од Бугарија, со тирада на напади коишто се случуваат врз Македонија, како и едно непочитуваање на македонија со коешто мора да се справуваме. И претседателот во своето обраќање по повод 100 дена Влада, кажа дека ние не бегаме од разговори, но тие разговори мора да се водат врз база на аргументи, факти и докази. Не можат да бидат разговори врз основа на сила и на покажување моќ“, вели Андоновски.
Тој вели дека ако Бугарија бара од Македонија да го вклучи бугарското малцинство во преамбулата на Уставот, зошто тоа не го бара од Албанија, кога таму се прикажале лажно дека има 7.500 Бугари.
„Поентата ми е дека Бугарија никогаш од нас не бара само внесување на Бугарите во Уставот, туку тоа е отворање на врата за едни поголеми барања. Ние сега како Влада работиме како да го заштитиме процесот од тие поголеми барања“, додава Андоновски.
Од заробена држава, хибриден режим и дали сега на патот кон ЕУ ќе се соочиме со квалификација на изолирана земја, Андоновски вели дека тоа е наратив на опозицијата, а истата таа опозиција седум години ништо не направи во интеграцијата на Македонија во ЕУ. Напротив не скара со соседите со коишто претходно имавме добри односи.
„Јас не можам да зборам за изолација, кога јас во 100 дена имав средби со пет министри за дигитална трансформација на европски држави, а уште четири ми се во најава во наредните два месеци“, истакна Андоновски.
Министерот смета дека Македонија треба да бара партнери коишто се од средна големина и исклучително важни за државава.
„Ексклузивно тоа не треба да биде само Унгарија, но целиот регион на Централна Европа е за нас многу интересен, затоа што е блиску до нас, во исто време доволно мал за да му бидеме ние интересни како пазар и за привлекување на директни странски инвестиции и за интернационализација на македонските бизниси. Зошто најквалитетните бизниси да не извезуваат во овие држави, како и за културната соработка. Тука ќе ја спомнам мојата посета на Полска на најголемиот економски форум, организиран токму од министерот за дигитална трансформација на Полска, затоа што сметам дека Полска е недоволно искористен контакт. Истото го сметам и за Унгарија, затоа што таа покажа огромна подготвеност да и помогне на Македонија во сите овие изминати години, но мислам дека таа соработка не се ефектуираше доволно во пракса. Сега го имаме потенцијалот тоа да го направиме“, вели Андоновски.
Говорејќи за политиките на ВМРО-ДПМНЕ од аспект на бркање од работа на не партиски луѓе, Андоновски вели дека како партија не сакале да влезат во замката нелегално, вештачки да бркаат луѓе од работа, за потоа тие луѓе да тужат и да ги добијат случаите на суд.
„За жал во голем број на институциите се забележува сериозен недостаток, ревизорските извештаи покажуваат многу недостатоци во работењето и ние сме приморани да правиме промени во тие институции“, додава Андоновски.
Околу заштитата од хакерските напади врз централните, државните финансиски системи и како да се обезбеди подобра безбедност на овие делови, Андоновски вели дека за жал Македонија е единствената држава во овој регион и пошироко што нема закон за заштита на информациските системи или т.н закон за сајбер безбедност.
„Тоа значи дека зависи од секоја институција колку е само свесна, да знае дека опремата којашто ја набавил ги нема или ги имапотребните лиценци за заштита. Тоа е страшно“, изјави за „Трилинг“ министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.