Харадинај: Владата на Курти го исклучи Косово од картата на странски инвестиции

Шефот на опозициската Алијанса за иднината на Косово (ААК), Рамуш Харадинај вели дека „со самоизолирачкиот пристап на Владата“, предводена од премиерот Албин Курти, Косово се исклучи од мапата на странски инвестиции, јави дописникот на МИА од Приштина.

Обраќајќи им се на новинарите на Вториот германско-косовски економски форум, организиран од Германско-косовската стопанска комора, што се одржува вчера и денеска во косовската престолнина, Харадинај нагласи дека истото, на вчерашното отворање на Форумот, го констатирал и специјалниот пратеник на Германија за Западен Балкан, Мануел Сарацин.

Честитајќи ѝ го Денот на обединувањето на Германија и на германската нација, поранешниот косовски премиер ѝ се заблагодари на германската држава за континуираната поддршка за Косово.

„Германија беше и останува силен столб во создавањето и изградбата на косовската држава, како и еден од нашите главни партнери. За жал, со самоизолирачкиот пристап на Владата на Косово, нашата земја е исклучена од картата на странски инвестиции. Ова го истакна и специјалниот пратеник на Германија за Западен Балкан, г. Мануел Сарацин…, кој ја потврди нашата загриженост дека многу инвеститори се свртуваат кон други земји во регионот“, изјави Харадинај.

Лидерот на опозициската ААК додаде дека самоизолацијата на Косово предизвикува, не само политичка, туку и економска штета.

„Самоизолацијата на Косово ни носи не само политичка, туку и голема економска штета. Тоа јасно се одразува во масовното заминување на работната сила и немањето нови работни места поради недостигот на инвестиции. На Косово му требаат итни промени, за враќање на земјата на патот на развојот. Имаме потенцијал во иновации и развој, но за да го искористиме овој потенцијал ни треба нов владејачки менталитет“, рече Харадинај.