Јетон Шаќири – македонскиот министерот за образование вели дека властите во најбрзо време ќе излезат со понуда до СОНК, чии членови-вработени во образованието, науката и културата денеска почнаа штрајк. Тој вечерва на тв Телма рече дека Министерството и Владата од првиот момент се максимално посветени на изнаоѓање решение.
„Мислам дека во текот на овие денови ќе имаме една конечна понуда, но ќе треба да земеме неколку варијабли, квантитативни и квалитативни, кои ги имаме во процесот. Да знаеме како може тоа да биде направено во ситуацијата во која се наоѓаме. Затоа јас неколкупати кажав дека не сме во најдобра економска ситуација“, рече Шаќири.
Вели дека Владата секојдневно добива барања за помош од училиштата – од помош за плаќање на сметките за струја, до блок-дотациите за превоз на ученици.
„Сите имаме непредвидени трошоци во оваа ситуација, повисоки од тоа што беше претходно. Затоа кажувам дека за најбрзо време треба да најдеме решение. Треба да има разбирање од сите страни, времето за штрајк не е соодветно. Ова е прва ситуација кога имаме штрајк во месец април. Една од поголемите забелешки кои ги добиваме е тоа што доаѓа крајот на учебната година“ – вели министерот Шаќири.