„Вооружувањето на Србија од Кина и Русија е закана за мирот и стабилноста на регионот“

Арменд Мехај – министерот за одбрана на Косово вели дека последното снабдување со оружје на Србија од Кина, а пред тоа и од Русија, претставува закана за мирот и стабилноста во Балканот, но и пошироко.

Мехај на Фејсбук ги повика НАТО, Европската Унија и Организацијата на обединетите нации „максимално сериозно да го имаат предвид деструктивното и опасно однесување на Србија“.

„Со купувањето на ракетните системи и новото оружје од Кина, како и на поранешните системи од Русија, одново силно се потврдува деструктивното, многу опасно и антизападно однесување на Србија. Оваа одвратна претстава се случува во време кога ЕУ и НАТО и сиот свет кој ги поддржува евроатлантските вредности се соочува со агресорот врз тие вредности, Русија и нејзините сојузници“ – оцени Мехај.

Тој прашува „од кого е загрозена Србија, или против кого се вооружува со тие најнапредни напаѓачки и одбранбени системи?“.

„Косово постојано ја изразува својата оправдана загриженост поради деструктивното и опасно однесување на Србија во однос на мирот, безбедноста и стабилноста во регионот и пошироко“ – напиша Мехај.