Лавров: Москва нема да ја прекине воената операција кога двете страни пак ќе се сретнат!

„Русија нема да ја паузира воената операција во Украина за нови рунди мировни преговори“. Ова денеска го изјави рускиот министер за надворешни работи – Сергеј Лавров.

Руските власти рекоа дека мировните преговори со Украина не напредуваат толку брзо како што би сакале и го обвинија Западот дека се обидува да ги поткопа преговорите обвинувајќи ги руските сили за воени злосторства.

Лавров вели дека не гледа причина да не ги продолжат разговорите со Украина, но инсистираше на тоа дека „Москва нема да ја прекине својата воена операција кога двете страни повторно ќе се сретнат“.

Лавров рече дека „рускиот претседател Владимир Путин наредил суспензија на воената операција за време на првиот круг од преговорите кон крајот на февруари, но ставот на Москва оттогаш се променил“.

„Откако се уверивме дека Украина не планира да одговори со иста мерка, беше одлучено дека во текот на следните рунди преговори нема да има пауза (во воената акција) додека не се постигне конечен договор“ – рече Лавров.

Минатата недела тој го обвини Киев дека на Москва и предал „неприфатлив“ нацрт мировен договор што отстапува од договорот што двете страни го постигнаа претходно. Киев ја отфрли оценката на Лавров како тактика за поткопување на Украина или одвлекување на вниманието од обвиненијата за воени злосторства.